Важно е да потсетиме дека во изолација нема просперитет, има само алчност и тврдоглавост, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој се обрати на панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“, во рамките на Преспа форумот за дијалог.
-Токму поради тоа што го направивме пред пет години, денес сме собрани овде на овој Преспански Форум Дијалог за да славиме, но и да се потсетиме на постулатите за напредок и просперитет. Договорот од Преспа отвори ново поглавје во регионот, отворајќи го патот кон просперитет и стабилност. Покрај унапредувањето на дипломатските односи и соработката меѓу Грција и Северна Македонија, го поттикна и економскиот раст и промовираше прекугранични иницијативи меѓу двете земји, рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека Договорот од Преспа имал домино ефект и во поширокиот балкански регион.
-Договорот од Преспа го отвори патот кон просперитетот со отстранување на бариерите, поттикнување на соработката и инспирација на другите народи. Создаде позитивна траекторија за економски развој, политичка стабилност и регионална интеграција, носејќи трајни придобивки за Грција, Северна Македонија но и за целиот регион на Западен Балкан. Истиот овој регион кој сега го трасира својот пат кон просперитет преку пристапување во ЕУ и усогласување на нашите EcoFin политики со стандардите на ЕУ, треба да преземеме неколку конкретни чекори, како што се зајакнување на институционалната рамка, преку воспоставување робусни и транспарентни институции кои ќе обезбедат ефективно владеење, потоа спроведување на структурни реформи на економиите за подобрување на конкурентноста. Ова го вклучува и пристапот до пазарите и регионалната интеграција на економиите, пристап до зголемени синџири на снабдување и блиско поврзување, кажа Битиќи.
Тој се осврна и на усвојување здрави фискални политики, вклучително и намалување на буџетските дефицити, ефикасно управување со јавните финансии и промовирање на фискалната дисциплина, усогласување на законодавството со ЕУ и подобрување на финансиските сектори.