Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, денеска по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Белград, изјави дека не сака конфликти во регионот на Западен Балкан, и оти се смирување на ситуацијата потребни се двете страни и дека Косово мора да го заврши својот дел.
Мусар, која е во работна посета на Србија, на заедничката прес-конференција по средбата со Вучиќ рече дека како правничка апелира за почитување на правото, дека сака Заедницата на српски општини да се имплементира што е можно поскоро како што е договорено во 2013 година, и не гледа причина за одлагање.
– Вучиќ се согласи со мене дека треба да продолжат разговорите со Приштина, да се смират страстите и дека никој во таа област не сака нови провокации. Односот меѓу Белград и Приштина е значаен за целиот регион на Западен Балкан и ќе покаже колку сите сме заедно зрели, и ние и Брисел, за да ја смириме ситуацијата, рече таа.
Мусар повтори дека дијалогот е единствениот вистински пат до решение, бидејќи се потребни двете страни за да се смири ситуацијата, но и дека „Косово мора да го направи своето“.
Таа се осврна и на демонстрациите што се одржуваат секоја недела во Белград и рече дека тие се легитимен чин во секоја земја и дека тоа е дел од демократијата, а медиумското покривање е дел од слободата на изразување, додавајќи дека тоа е нешто на кое треба да се работи.