Од денеска 30 летни здравствени домови во туристичките подрачја се ставени во функција да даваат здравствени услуги на туристите кои оваа летна сезона ќе ја посетат Албанија.
g
Премиерот Еди Рама во објава на социјалните мрежи наведува дека од денеска се отворени „летните здравствени домови во крајбрежните и планинските туристички области, за да се гарантира квалитетна здравствена заштита за туристите кои ќе ја посетат Албанија оваа летна сезона“.
Ова е деветта сезона по ред кога на 15 јуни се отвораат летни здравствени домови од север кон југ, на крајбрежјето, но и во планинските предели, каде што исто така се зголемува бројот на туристите.
Оваа година, за разлика од претходните сезони, летен здравствен дом функционира и во Шпиле кај Драч.
Сите центри ќе работат 24 часа во период од 15 јуни до 15 септември а бесплатниот телефонски број за повик е 195.
Од вкупниот број, на северот во земјата функционираат 8 здравствени домови, од кои четири во планинските туристички области, во Драч функционираат 5 здравствени домови, во Каваја два и 15 во јужниот регион, Валона, Химара и Саранда.
Годинава Албанија очекува да го надмине минатогодишниот рекорд на посетеност од 7,5 милиони туристи.