ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home КУЛТУРА

Кон „Поетроника“ на Андреја Салпе и Оливер Митковски

June 19, 2023 12:53
in PMD, ДЕНЕС, КУЛТУРА
Share on FacebookShare on Twitter

Неодамна присуствував на музичко-сценски настан за кој сметам дека преставува пресврт во македонската култура, какви што се случуваат повремено на деценија-две. Се работи за заедничкиот проект на музичарот Андреја Салпе и глумецот Оливер Митковски насловен „Поетроника“, музички албум кој се основа на поезија на деветмина македонски автори. Седејќи во мрачната интима пред малата сцена на МНТ, почувствував дека сум била сведок на нешто битно за кое долго ќе се раскажува.

Знам дека на просечната македонска публика комбинацијата од електронска музика со поезија би им била одбивна. Би рекла дека било што поврзано со поезија автоматски би го замислиле како претенциозно, здодевно, или неразбирливо, и покрај тоа што кога треба да се брани јазикот или нацијата од бизарни надворешни напади, поезијата претставува главно оружје, па сѐ нешто некој цитира или сам пишува. Во таа смисла, сметам дека проектот на Салпе и Митковски може да ја придвижи македонската поезија од рамките на интелектуалното, неразбирливото, па и патриотското, кон современото, и да ја редефинира на начин на кој досега тоа го немаат сторено уметници дури ни надвор од земјава. На пример, сум присуствувала на многу настани во кои поезијата била споена со џез или со класична музика, но никогаш не сум слушнала современа или канонизирана поезија да биде интерпретирана (изрецитирана, не пеена) во рамки на електронска музика. Па така, иако идејата на Салпе и Митковски би требало да биде едноставна, всушност до ваквата едноставност многу тешко се доаѓа.

Настапот се отвори со „Псалм за m-lle Lili“ од Ацо Караманов, песна која сум ја слушала како ми ја рецитираат повеќе луѓе. Сите тие пати сум била свесна за вредноста на песната, но никогаш не сум ја доживеала како сега. Се разбира, голем дел од тоа се должи на музичката подлога што ја илустрира оваа, а и сите други песни, за која е одговорен Андреја Салпе, зашто музиката е во апсолутно совршен дослух со ритамот на песните, како и со сликите што таа ги предизвикува. Можам дури да кажам дека музиката ги прави песните многу подобри од тоа што се, зашто го истакнува најдоброто кај нив, дали преку нежните амбиентални звуци (пој на птици, ѕвончиња, крцкања), дали преку длабоките басови и променливиот, возбудлив ритам кој во наврати суптилно си игра и со македонскиот седумосмински. Музиката е волшебна.

Но не е само музиката што го вади најдобро од поезијата. Тоа е и гласот и интерпретацијата на Оливер Митковски, кој го изустува текстот како да го живее во тој миг, зашто суштински го разбира. А бидејќи го разбира тој, на начинот на кој го изведува, го разбира и публиката. Сакам да го истакнам овој дел од албумот, бидејќи навистина сметам дека е реткост глумец или автор да може со таква суштественост и искреност да изведе текст, иако сите би требало да се стремат кон тоа. Во изведбата на Митковски се гледа неговата суштинско разбирање на книжевноста и уметноста, споена со длабока чувственост. Тој не ги изведува песните како што обично се изведува поезија: со беспрекорна дикција и изразена драматика. Со неговиот длабок, гргорлив, благо назален глас, Митковски како да ви зборува приватно, како да ви кажува некоја тајна или како да ви се исповеда. Поезијата, главно, е темна, како и самата музика; целиот албум би го споредила со магијата на ноќта. Дури и таму каде што е смешна („Необичниот живот на Наташа Целакоска“ од Горан Петревски, за кого не бев чула пред овој проект), таа е малку морничава.

Прекрасно е како музиката комуницира со поезијата и како Салпе и Митковски песните не секогаш ги изведуваат во целост или да речеме, по некој ред на кој сме обично навикнати, на тој начин истакнувајќи го природниот музички ритам на македонскиот јазик и очудувајќи го текстот. Така, „Јас па ти“ е комбинација на две песни од подзаборавениот Гого Ивановски („Средба со другарот“ и „Одмор“), „Две приказни“ е комбинација од две песни на Оливера Ќорвезироска и Владимир Лукаш, а „Слушај“, можеби една од најтрогателните песни во албумот (освен можеби „Осаменост“ на Радмила Трифуновска, за која исто не знаев) е комбинација од три песни на Игор Исаковски („Слушај“, „Ќе спијам“ и „Знаеш“). Еден од принципите на албумот е ритмичното повторување на одредени стихови, кој може да има музичка функција (на пример „јас па ти, ти па јас“), но и содржинска („ќе спијам во мојот кревет“, пркосен стих).

Конечно, една од многуте причини зошто се работи за исклучителен музички и книжевен проект е затоа што тој нема никаква суета. Тоа се гледаше и на сцената, на самиот настап во живо, поради комуникацијата меѓу Салпе и Митковски, кои се гледа дека работат од љубов и чисто воодушевување, при што се лишени од его. Тоа го чувствува и публиката. Ми беше тешко да ги држам очите отворени, иако во позадината се проектираа видеа кои совршено соодветствуваа со музиката (тие се дело на Оливер Митковски). Осетив физички сензации од музиката, ежејќи се. Напати ми се плачеше или сакав да станам и да играм.

Се надевам дека публиката ќе може наскоро повторно да ги види Салпе и Митковски како ја изведуваат „Поетроника“. Струшките вечери на поезијата би требало да се сетат да ги поканат да настапат, на пример, а и кој било друг да го стори тоа треба да има предвид дека за ваков проект треба соодветен простор и тишина (тишината и нежноста се битни теми во албумот). Во меѓувреме, со нетрпение го очекувам издавањето на албумот од страна на PMG Recordings.

Румена Бужаровска / Окно.мк

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: „Поетроника“Андреја СалпеОливер Митковски

НАЈНОВО

Фото: Jasin Boland/Universal Pictures and Amblin Entertainment

(ВИДЕО) Скарлет Јохансон и Џонатан Бејли ја „препородуваат“ франшизата „Jurassic World: Rebirth“

July 1, 2025
Скриншот

Арагчи: Нуклеарната програма на Иран стана прашање на национална гордост и слава

July 1, 2025
онкологија

Клековски: Скапата биолошка терапија ја има на Онкологија, за двата генерички лека што ги немаат дистрибутерите, има соодветна замена

July 1, 2025

НАЈЧИТАНО

  • За Латас, децата треба да учат во училиште

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Пожар во галија на Вардар во Скопје, интервенира едно противпожарно возило

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Две лица потешко повредени во сообраќајка во центарот на Скопје

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Брутални навреди и напади врз редакциите на Н1 и Нова: Вучиќ нè нарекува терористи, Информер бара апсење на новинари

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ААВМУ во одбрана на Латас, ги осуди заканите на градоначалникот Костадинов

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk