Како теоријата, така и досегашната пракса на земјите од Централна и Источна Европа, покажаа дека евроинтеграциите се катализатор на економскиот развој, односно подобрување кај сите економски параметри – БДП по глава на жител, странски и домашни инвестиции, трговија, подобрување на животниот стандард итн.
Единствениот европски пазар од половина милијарда граѓани, пристапот до заедничките фондови, како и заедничките стратегии по однос на клучните прашања се главните придобивки од членството, кои ќе придонесат кон побрза конвергенција на нашата земја кон развиени. Науката може и дава значаен придонес во приближувањето до европските стандарди, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на Научната конференција во орагнизација на МАНУ, Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања.
Нашата определба секогаш била јасна и никогаш немало двоумење дека таа е евроатланска, а дека стратешкото партнерство со ЕУ и со САД е основа за стабилен и одржлив развој на нашата земја, како демократски, така и економски, порача во оваа прилика министерот за финансии.
Тој истакна и дека научните конференции се одлична можност да се искористат научните пристапи и препораки за да се забрза процесот, и да се постават позиции коишто ќе бидат од корист во постигнувањето на евроинтегративните цели.