РЕК Битола интензивно се подготвува за новата грејна сезона. Моменталното производство на струја е 102 проценти, вели првиот човек на комбинатот Пеце Матевски.
„Нашиот комбинат веќе активно се подготвува за следната грејна сезона. Покрај тоа што имавме успешна грејна сезона сега веќе ги правиме подготовките да имаме што поуспешна грејна сезона и што постабилно производство. Нашето производство е над 102%, додека ја завршивме грејната сезона и ја одржуваме нашата депонија со над 300 илјади тони јаглен. Веќе сме во ремонтни активности и тоа работиме на Блок 1 каде што ремонтот ќе трае 45 дена, а потоа продолжуваме со ремонт на Блок 2 и ги започнавме можам да речам една од најголемите операции во рудници каде што ќе имаме поместување односно внатрешна трансформација на јагленовиот систем, така што систем којшто после 30 години ќе биде преместен и ќе имаме можност да дадеме работа на нашите багерски единици, со тоа што ќе имаме поголема откривка, односно ќе имаме поголем ископ на јаглен и нормално ние треба да ја одржуваме депонијата полна константно и да имаме стабилно производство оваа грејна сезона“, рече Пеце Матевски, директор на РЕК Битола.
Ремонт на првиот блок ќе трае 45 дена , а потоа ќе следува ремонт на вториот блок.
„Во тек е ремонтот на првиот блок, започна на 12-ти овој месец, ќе трае 40 дена, планирано е да се пушти околу 20 јули. Најголем акцент ќе се стави на котелот, бидејќи со него има најмногу проблеми, а блокот се исклучува од тие причини. Потоа почнува на вториот блок, ќе има кус преклоп, што значи десетина дена двата блока ќе бидат исклучени истовремено. Овој ремонт ќе трае 60 дена, а вториот блок ќе го вклучиме на 5 септември. Заедно со негата што е направена на третиот блок, зимската сезона да ја дочекаме со ситe три блока да бидат подготвени за работа“, рече Александар Пасков, директор на Термоелектрани.
За поефикасен ископ на јаглен во рудниците после 30 години се поместува јагленовиот систем.
Извор: Тера