Повеќе руски воени блогери пишуваат дека припадниците на платеничката армија на Пригожин „Вагнер“ се судриле со руските сили „Росгвардија“ во реонот на Козачи Табори, објави ЦИВИЛ Медиа. Наводно, трупите на Вагнер се движеле кон Москва и биле сопрени од руската војска. Но, по престрелката, руските војници се разбегале, оставајќи го зад себе оружјето и неколку оклопни транспортери, по што колоната на платеничката војска на Пригожин продолжила кон Москва.
„На патот Ростов-Москва, во областа Козачи Табори дошло до првиот судир меѓу трупите на ПМК ‘Вагнер’ кои се движеле кон Москва и единиците на ‘Росгвардија’. Како резултат на престрелката, руската гарда побегна, фрлајќи го оружјето и неколку оклопни транспортери, а колоната ПМЦ продолжи со движењето кон Москва“, дознава ЦИВИЛ Медиа од украински извори кои се совпаѓаат со информациите објавени од руските блогери. Овие вести не е возможно да се потврдат од независни извори.
Социјалните мрежи и неколку интернет портали објавија фотографии и видео снимки од тенкови и оклопни транспортери што се движат низ центарот на Москва.
„Безбедносните мерки се зајакнати во Москва, под зголемена заштита се преземени сите најважни објекти, државни органи и објекти на транспортната инфраструктура“, изјавија руските безбедносни служби за владината новинска агенција ТАСС.
Дали започна внатрешен оружен конфликт во Русија? Одговорот на тоа прашање сѐ уште е крајно неизвесен, но сигурно е дека тензии има, судејќи по нервозните соопштенија од руските државни медиуми.
„Ова е почеток на внатрешната борба на русите меѓу толпата – «вагнер» и министерството за одбрана на рф“, изјавија за ЦИВИЛ Медиа украински извори.
Претходно, рускиот државен ТВ канал „Русија 24“ го прекина емитувањето на програмата за да емитува порака од руското Министерство за одбрана, во која се наведува дека тврдењата на водачот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин „не одговараат на реалноста“.
„Тие видоа дека не сме скршени и започнаа со напади врз нашите кампови. Загинаа огромен број наши борци, наши соборци. Ќе донесеме одлука како да одговориме на овие злосторства. Следниот чекор е наш“, вели Пригожин во својата порака.
Во моментов е познато само дека силите лојални на Пригожин продолжуваат кон Москва. Руските власти упатија повик кон платениците на „Вагнер“ да му откажат послушност на својот газда и да го заробат.
Џ. Дерала