Новинарот Ерол Ризаов на трибината „Уставни измени – Исток или Запад“ во организација на Цивил кажа дека ако не се случат сега уставните измени и се чека промена на власта ќе се изгуби многу значаен чекор на патот на присоединување.
-Европа и САД ќе бидат главно концентрирани на членството на Украина и Молдавија во ЕУ, што ќе ни одземе десетина години, кажа Ризаов.
Според него треба да се смени наративот на запознавање на јавноста со проблемите.
-Не треба да се оди на тоа колку се важни сега уставните промени, туку треба да се каже кои се придобивките од ЕУ и што ќе изгубиме или добиеме од ЕУ. Придобивките не се само придобивки како замисла за ЕУ како голем банкомат, туку многу повеќе од тоа – прифаќањето на европските вредности е долг процес, треба да се знае кои се реформите и што од тоа ќе добиеме во образованието, земјоделието и друго. Многу работи конкретно треба да се напишат што добиваме, а што губиме, смета Ризаов.
Новинарот додаде дека најважно за исполнување на барањата и на власта и на опозицијата во овој момент е да има и уставни измени и избори.
-Ако се договорат и постигнат консензус за уставни измени и избори тогаш мислам дека се е решено. Но, уште една работа, треба и консензус за преговорите, тоа е можеби и поважно заедно со уставните измени од се друго. Преговорите се долги и веројатно и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат на власт или пак значајни во опозицијата. Треба да се постигне консензус за европските прашања кои ќе бидат тешки и болни, во земјоделието, образованието, корупција и криминал.., кажа Ризаов.
Тој е оптимист дека ќе има решение и порача дека би било трагично да се испушти и овој воз.