„Германија и канцеларот Олаф Шолц стојат зад нашата држава и зад она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ за нашата евроинтеграција“, соопштија од СДСМ денеска.
„Германскиот канцелар Олаф Шолц, при посетата на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на Берлин, даде јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има.
Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ.
Ова доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се потврдува и дополнително афирмира македонскиот како рамноправен со сите останати јазици на Европската Унија.
Ова е уште една потврда за државничките политики на СДСМ.
Државата има историска шанса, со поддршка на стратешките партнери, да направи исчекор напред во евроинтеграциите.
Претстои важен период во кој, одговорно и заеднички низ дијалог треба да се заокружи процесот на уставните измени.
Сите политички субјекти, вклучително и ДПМНЕ треба во прв план да ги стават државните и националните интереси и заеднички низ консензус да се обезбеди европската иднина на државата и на граѓаните“, додаваат оттаму.