Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој допатува во посета на Кијив, денеска изјави дека Европската унија е решена да и помогне на Укарина во борбата против руската агресија, јави Радио Слободна Европа.
Тој одржа говор во украинскиот Парламент каде рече дека ЕУ ќе биде со Украина онолку долго колку што е потребно.
Тука сум да ја изразам цврстата решеност на ЕУ и Европа против нелегалната и неоправдана руска агресија врз Украина. Ова е агресорска војна. Агресорот и жртвата не може да се третираат подеднакво, а игнорирањето на правилата не треба да се наградува на кој било начин. Затоа го поддржуваме мировниот план на Зеленски, истакна шпанскиот премиер, чија земја од денеска е нов претседавач со ЕУ.
Осврнувајќи се на можноста за мировни преговори, Санчез нагласи дека „само Украина може да ги одреди условите и времето за тоа“.
Санчез во Кијив ќе оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски по што ќе одржат заедничка прес конференција.
Г. Т.