Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, на прес-конференција пред портите на „белата палата“ – партиско седиште на ВМРО ДПМНЕ, му се обрати на лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за кој рече дека единственото прашање кое го посочува деновиве тој и неговите сопартијци е како внукот на Али Ахмети, на 25 години стекнал толку големо богатство што станал еден од сопствениците на трговскиот центар Соравија.
– Прашањето на Мицкоски е сосема легитимно, тоа младо момче да објасни како стекнал милионски имот, но имам и јас прашање за господинот Мицковски, рече градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, пренесува Либертас.
„Мицкоски да каже на колку години ја направил својата прва хидроцентрала и се стекнал со милионски имот и дали ја стекнал пред или за време на неговото директорување со ЕЛЕМ“, праша Јакимовски.
Јакимовски забележува дека Мицкоски како директор на ЕЛЕМ требало да гради хидроцентрали кои ќе бидат во државна сопственост а не во негова лична сопственост како што направил тој кој денеска заедно со сопартијците постојано обвинуваат луѓе од спротивните политички табори за криминал и дека биле урбана мафија.
„Легитимно е на овој народ Мицковски да му каже дали бил директор на ЕЛЕМ кога за себе а не за државата си ја изградил првата хидроцентрала и на колку години и со колку пари ја стекнал таа милионска инвестиција“, изјави Јакимовски додавајќи дека народот требе да знае не само за актуелниот Дрим Ахмети туку и за тој кој претендира некогаш да ја води државата.
Истото прашање повеќе пати му го постави и Џабир Дерала во текот на изминатите неколку години. Одговор не дојде, ниту од Мицкоски, ниту од „белата палата“. Напротив, Дерала заработи две тужби од Мицкоски затоа што во медиумите со кои раководи е пренесен исказ на слична тема од други медиуми. Дали пренесувањето на изјавата од Јакимовски за Мицкоски ќе биде повод за уште тужби?