Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе се сретне со повеќе од 200 градоначалници на градовите што го издржаа бранот насилство што ја потресе земјата, по смртоносното полициско убиство на тинејџер од пред една недела.
Макрон ќе изрази солидарност со локалните власти погодени од немирите, во кои беа запалени продавници и јавни згради, вандализирани и ограбени бизниси и запалени возила и канти за ѓубре.
Владата соопшти дека ќе понуди помош за поправка на оштетените јавни институции.
Макрон, синоќа, заедно со министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, ја посети полициската станица во Париз во знак на поддршка за безбедносните сили, јави телевизијата БФМТВ.
Во текот на изминатата недела во немирите низ Франција беа упасени повеќе од 3.400 лица, а 684 полицајци и пожарникари беа повредени, наведуваат владини извори.
Секоја вечер околу 45.000 полицајци се распоредуваат низ целата земја за одржување на редот и мирот.
Но, иако тензиите и натаму се присутни, од неделата полека почна да се намалува насилството на улиците. Синоќа и утринава немаше поголеми изливи на насилство.
Во меѓувреме почнаа да се пресметуваат и економските трошоци. Жефрој Ру де Безие, шеф на француското здружение на работодавачи Медеф, предизвиканата штета во насилствата ја проценува на над една милијарда евра.
-Прерано е да се даде точна бројка, но таа е над милијарда евра, не земајќи ги предвид штетите во туризмот, изјави тој синоќа за весникот „Паризиен“.