Најмалку девет Палестинци се убиени во вчерашниот израелски копнен и воздушен напад врз Џенин, што претставува првпат во последните речиси две децении еврејската држава да почне вака голема воена офанзива врз град на Западниот Брег.
Палестинското Министерство за здравство доцна синоќа соопшти дека околу 100 Палестинци се повредени, од кои 20 се во критична состојба.
Израел ја смета областа Џенин за милитантно упориште и лансирна рампа за нападите врз Израелците.
Операцијата „Дом и градина“, за која Израел рече дека е насочена кон „терористичка инфраструктура“, почна вчера во раните утрински часови со напади со беспилотни летала. Вклучена беше и копнената војска. Поголемиот дел од воените дејствија се одвиваат во бегалскиот камп Џенин, кој во последните години беше сцена на битки меѓу израелската армија и милитантите. Во кампот, што се наоѓа веднаш до градот, има околу 17.000 жители.
Израелските војници конфискуваа оружје и експлозиви и уапсија неколку лица.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како луѓето ги напуштаат своите домови поради израелските напади. Синоќа имаше спротивставени извештаи за тоа дали Израел барал жителите на кампот да го напуштат кампот.
Палестинските медиуми јавуваат дека израелската армија им наредила на палестинските семејства да си заминат. Израелските безбедносни претставници негираа дека има таква наредба за евакуација, но нагласија дека луѓето бегаат од борбите меѓу војниците и вооружените палестински милитанти.
Портпаролот на израелската армија Ричард Хехт рече дека армијата не сака да го окупира градот, кој е под контрола на палестинската управа (ПА), но дека Џенин не може да продолжи да биде „безбедно засолниште за терористите“.
Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас ја осуди израелската операција како „ново воено злосторство“ и ја повика меѓународната заедница „да го прекине својот срамен молк и да преземе сериозни мерки“.