Шкотска денеска со голема поворка, парада и служба на благодарност ќе го одбележи крунисувањето на кралот Чарлс и неговата сопруга Камила.
Народната поворка, која вклучува околу 100 луѓе кои ги претставуваат различните аспекти на шкотскиот живот и Кралската поворка, во која учествуваат стотици вработени, ќе се одржи по должината на Кралската милја во Единбург, главниот центар на стариот град.
На службата за благодарност во градската катедрала Св. Џајлс, на Чарлс ќе му бидат врачени почестите на Шкотска – накит на шкотската круна, вклучувајќи го и новиот меч на Елизабета, именуван по неговата мајка и направен да го замени оној што папата Јулиј го дал на шкотскиот крал Јаков IV во 1507 година.
-Почестите на Шкотска имаат огромно историско значење бидејќи беа присутни на многу големи свечени настани во изминатите 500 години, рече шкотскиот премиер Хумза Јусаф.
Каменот на судбината, историски симбол на шкотската монархија и државност, ќе биде преместен во катедралата за службата, за која кралот нарачал пет нови музички дела.
На Чарлс ќе му се придружат неговиот најстар син и наследник принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт.
Пукања од 21 топ ќе одекнат во замокот Единург, додека поворката ќе се враќа до Палатата Холирудхаус.
Во меѓувреме, ќе има републикански протести на Кралската милја.
-Оваа бесмислена парада на суета во Единбург ќе ги чини шкотските даночни обврзници милиони фунти, и за што? Така Чарлс може повторно да биде во центарот на вниманието на еден ден, рече Греам Смит, шеф на антимонархиската група Република, кој беше уапсен за време на крунисувањето во мај.
Чарлс и Камила беа крунисани во мај во лондонската Вестминстерска опатија, пред околу 100 светски лидери, на најголемиот британски свечен настан во последните седум децении.
Чарлс (74) ја наследи својата мајка како крал на Обединетото Кралство и на 14 други територии кога кралицата Елизабета почина во септември.