„Не можам да поверувам дека интелектуалец, универзитетски професор ќе биде толку расипан. Да праќаш на седница на совет, да се собираат граѓани за да создаваат хистерија во која вие немајќи аргументи ги повикувате наводно граѓаните на помош. Всушност, сценарио и режија на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, под твое раководство“, пишува денеска во реакцијата на Претседатеот на Граѓанска Опција за Македонија ГРОМ кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Кога немаш аргументи и Путин со тенковите да го викнеш, џабе ти е. Аргументите велат Јужниот булевар е планиран од 1964 година и се што таму е изградено (шеталиште, фонтана, детско игралиште, урбана опрема, дрвореди) е на трасата на Јужниот булевар. Вие ги лажевте граѓаните дека јас сум тој што сакам да рушам нешто што сам сум изградил иако и Јужниот булевар и неговата сервисна улица ја одредил Коце Трајановски, а ја потврдил Миле Јанакиевски.
Лажевте дека ќе се градат пет згради, а вистината е дека ќе се гради една зграда и истата е предвидена со претходните два плана. Интересно е што сте направиле есап колку пари ќе заработел Фатмир Етеми. И тоа, наводно не го правиш ти есапот, туку некојси „твитерџија”, крајно сирово и простачки, а целта ти е јасна зошто го правиш есапот.
Јас никогаш на луѓето не им правам пресметки колку ќе заработат. Нивни пари вложуваат и со среќа нека им биде. Вие му правите есап на заработката за да пресматате колку да му земете мито или како што тоа вие у жаргон го велите, да го „чарџате“. Вашата весела математика вели дека ќе заработел осум милиони евра.
Се поставува прашање дали јас имам интерес од изградбата на оваа зграда. Јас личен интерес немам, но имаат граѓаните и општината. Да се наплатат комуналии од кои ќе реновираме училишта. ќе градиме градинки, катни гаражи, ќе правиме фасади, ќе даваме стипендии на ученици итн. Толку за зградата во населба Козле.
А сега да поразговараме за зградата во населба Крњево. За разлика од тебе, јас нема да се кријам зад твитерџија.
Според твоите пресметки ако за зграда од 12.445 м2 се заработи осум милиони евра, колку ќе се заработи со зградата што по твој налог ја гласаа советниците на ВМРО ДПМНЕ, спроти East Gate во Крњево, која има 18 спрата и вкупно развиена површина од 33724м2. Според твојата весела математика, ако во Козле се заработи осум милиони евра, од оваа што ти и твоите советници ја гласавте ќе се заработат 23 милиони евра.
Сега ти, весел математичару кажи кој е твојот интерес сите твои советници да гласаат за изградба на оваа зграда, висока 18 спрата, нема ниту еден сантиметар квадратен зеленило и не само во таа парцела туку и пошироко, а мене во Карпош многу милуваш да ми бараш зеленило.
Те прашувам јавно, кој беше твојот интерес? Во Козле, на парцела од 4700м2 ќе се гради зграда со 12.445м2, значи односот е 1 спрема 3, компарирана парцелата со станбената површина што ќе се изгради. На парцелата што ти ја поддржа, спроти Македонска Телевизија или во Крњево има земјиште од 7.200м2, а ќе се добие станбена површина о 33724м2. Значи односот земјиште – станбена површина за градба е 1 спрема 4.5.
Како што гледаш, се е во твоја корист. И полека но сигурно се надѕира резонот зошто да се гласа – ти борецу против бетонизација, љубител на зеленило.
Дополнително, фрла сенка на твојата одлука што овој објект ќе се гради на место каде што во моментов е јавен паркинг. Како што милуваш да кажеш, се загрозува јавниот интерес, а во Козле ќе се гради на место каде што сега има стовариште и дополнителен бенефит за граѓаните е улицата која што ќе ја поврзе Козле со Адолф Циборовски.
Очигледно контаминацијата од East Gate те држи. И таму се инаетеше и не подржуваше градби за да на крај дадеш поддршка. Некои велат, откако си лапнал „бајадера“, вели Јакимовски.