Зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво, покажува анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија. Спроведена е во периодот од 8 април до 4 мај 2023, преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците, на национален репрезентативен примерок од 1,204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години.
Како што се наведува во соопштението, на прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“, што претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.
-Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина…Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.
Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се пондерирани според возраста, полот, регионот, населеното урбано/рурално место и етничката припадност. Маргината на грешка за целиот примерок не е над ± 2.8 поени со ниво на доверба од 95%. Стапката на одговор е 74%.
Анкета е извршена со поддршка од Националната фондација за демократија.