Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси денеска од Кенија ја почна турнеја по Африка под мотото „промовирање на економската дипломатија, зајакнување на политичките односи со пријателски, сојузнички земји и диверзификација на дестинациите за извоз на стоки“.
Раиси беше пречекан од претседателот на Кенија, Вилијам Руто.
Кенија, која е американски сојузник, е и економски центар на САД во Источна Африка. Земјата се соочува со долгови и инфлација, а за денеска се очекуваат протести, не само во главниот град Најроби, туку и низ целата земја.
Раиси е прв ирански лидер кој по повеќе од една деценија е во посета на Африка, при што ќе ги посети и Уганда и Зимбабве.
Иранскиот претседател минатиот месец ја оствари својата прва посета на Јужна Америка, посетувајќи ги Венецуела, Куба и Никарагва. Претходно, во март, Иран и Саудиска Арабија одлучија да ги обноват своите политички односи, што беше оценето како значаен дипломатски пробив.