Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Пред 4 години на (10 јуни 2019) комунален работникот (метлар) експресно доби „метла“ од работа, бидејќи фрли ѓубре во Вардар, наместо во канта и на тој начин ја загади веќе загадената река. За разлика од тогаш, кога никој од колегите не му даде поддршка и не се солидаризирал со него, викендов се одвиваше вистинска драма оти беа отпуштени тројца вработени во ЈП „Комунална хигиена“. Вработените во знак на солидарност со нивните отпуштени колеги решија да протестираат и да стапат во целосен штрајк. Дури и полицијата интервенирала бидејќи протестот имаше тенденции да ескалира.
Додека скопјани се гушат во сметот, не престануваат партиските препукувања, односно да се префрла вината кој е крив за ваквиот хаос во градот. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која е веќе препознатлива и не изненадува со својот „уличарски говор“ нагласи дека нема да дозволи мафијашки структури заедно со политичкиот смет (ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски) да наштетат на интересите на македонските граѓани. „Таквите политичари се најголемото ѓубре кое го видело овој град и ние ќе почнеме, со чистењето на ѓубрето, да ги чистиме и нив“, нагласи мајката (или маќеата) на Градот.
А оние вмровските градоначалници кои излегоа да го чистат ѓубрето во Скопје, потсетија на времето кога Коце Трајановски со жолтите чизмички го решаваше проблемот со поплавените улици поради атмосферската канализација после секој поголем дожд во Скопје. Значи истиот Пи-Ар, истите методи на делување, само актерите се различни.
Како и зошто преку ноќ директорката на „Комунална хигиена Скопје“, Косана Мазнева-Николиќ реши да се пресмета со „мафијашките структури“ чии имиња ги држи во тајност. Зошто точно една година и требаше на Мазнева да забележи дека има непотизам во Комунална?
Градските власти решија да ги „воспитаат“ бунтовниците, односно 27 лица се отпуштени од Комунална хигиена. Дали со ова почна најавената чистка на „ѓубрето“ и пресметката со „мафијашите“?