„Даденото одобрение од страна на Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија за снимање или фотографирање по конкретен предмет е со важност од денот на даденото одобрение до завршување на расправата по предметот”, гласи утврдениот Начелен став.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која го подготви и предложи Начелниот став, истакна дека со Начелниот став ќе се инкорпорираат принципот на правна сигурност и принципот на транспарентност, а со цел да се обезбеди доследно применување на законските одредби, но и олеснето работење на медиумите.
Утврдувањето на Начелниот став произлезе од интензивната соработка и комуникација на Врховниот суд со Судско-медиумскиот совет во рамки на која беа детектирани проблемите кои произлегуваат од постоењето на различната судска практика и кои го отежнуваат работењето на медиумите.
Воедно, Начелниот став е заснован и на заложбите на Советот за отворено судство чија цел е унапредување на транспарентноста на судовите и доследно применување на начелото на јавност како еден од клучните фактори за владеењето на правото.