Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол денеска вети дека „целосно ќе го преиспита“ начинот на кој земјата се справува со екстремните временски услови и климатските промени, откако најмалку 39 лица загинаа во поплави и свлечишта за време на сезоната на монсуните.
Во централните делови на Јужна Кореја стотици спасувачи се обидуваат да се пробијат низ густа кал за да стигнат до повеќе од десетина автомобили заглавени во тунел, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
– Овој вид на екстремни временски настани ќе станат се почести. Треба да ги прифатиме и да се справиме со климатските промени, рече Јун Сук-Јеол.
Тој денеска ќе ја посети провинцијата Северен Гјеонгсанг, на истокот на земјата, која беше погодена од поплави.
Јужна Кореја ќе ги „мобилизира сите расположливи ресурси“, вклучително и војската и полицијата, за да помогне во спасувањето.
– Сезоната на дождови сè уште не е завршена, а според прогнозата утре повторно ќе има обилни врнежи, информира јужнокорејскиот претседател.
Повеќето од жртвите на невремето се од планинската провинција Северен Гјеонгсанг, која е особено погодена од свлечишта и излевање на реки.