Сите оние страшни приказни за Неапол (Наполи), градот под Везув и наполитанците, велам да ги заборавите.
Патувањето во Италија го планиравме уште пред Нова година, односно околу шест месеци пред време. Планот беше да ја прошетаме Италија со автомобил од Наполи, па Рим, Фиренца, се до Санремо и назад до Бардолино кај езерото Гарда.
Сè почна кога видовме дека во Рим ќе има концерт Muse – мојата животна рок желба.
Има евтини летови Скопје-Рим може да закачиме три дена екскурзија до вечниот град, беше првиот муабет со сопругата. Решивме да резервираме билети за концертот. Се радував како децана, не знам што друго да кажам.
По неколку дена онака ко за заебанција спомнав – а да одиме со кола и да прошетаме низ Италија? Наместо летување по грчки плажи на Јонско, да зафатиме од јужниот брег на Италија па нагоре. Нафрлив неколку попатни градови и тука, тогаш за тогаш, заврши муабетот. Нам не ни треба многу да се решиме. Ако финансиската конструкција ни дозволува, одиме до максимум. Муабетот беше, ако почниме да резервираме сместувања и билети пред шест месеци ќе ни дојде на толку рати патувањето во сопствена режија.
И така бидна.
Го чапнавме Airbnb и по тоа што ги видовме за цените, сместувањето во Италија не беше ништо поскапо отколку во Грција на пример. Овде зборувам за основни услови, студио со кујна и купатило, ништо луксузно и за во несвест паѓање.
Трошоците за нафта низ Италија и назад, Мишелин ги пресмета вкупно сосе патарини околу 600 евра. Траект Драч-Бари во еден правец 215 евра (кола и двајца патници).
Прво го резервиравме траектот, за да нема пишманење.
Така направивме и оној пат пред шест години, кога четворица со една кола заминавме преку Драч-Бари, па Помпеја, Рим, Фиренца, Антиб, Барселона и назад. Тогаш поминавме 5000 км. за 17 ноќи, сега планот е нешто слично ноќи само помалку километри. Но тогашното патува низ Италија, Франција до Барселона е една убава приказна што заслужува посебен текст, како што и ветив тогаш на Милена.
Од тогашното искуство заклучивме дека една ноќ во кое и да е место е гревота да се помине. На пример, тогаш бевме само една ноќ во Фиренца. Ни се плачеше кога заминувавме. Затоа сега, колку што дозволуваше буџетот, резервиравме најмалку две ноќевања од место: Наполи 2, Рим 3, Фиренца 3, Санремо 5, Бардолино 3 и планирани, а нерезервирани ни се уште две ноќи попатно, најверојатно во некоја словенечка терма. Пресудно при резервациите беше слободно паркинг место. Тоа е она што мора да го имате во предвид, ако не сакате да плаќате и по 50 евра од ден за паркирање во поголемите градови во Италија, или да ризикувате па да ја барате колата по пајак плацеви и да платите кош пари, башка нервози.
Првото искуство со траектот Драч-Бари пред 6 години не беше толку сјајно, но не беше и ништо страшно. Овој пат имавме повеќе среќа. Се укрцавме за помалку од пет минути после царинските контроли. Траектот на „Grandi Navi Velociпо (GNV)“ по сите пристојни стандарди: на 9 спрата, за неколку стотици автомобили и автобуси, со кабини за спиење, ресторани, клубови, продавници. Чисти простории, љубезен персонал и ознаки за да не мора да препрашуваш. Немаше гужви. Се сместивме на седиштата на спуштање што ни беа резервирани по цена двојно поевтина отколку да користиш кабина за спиење. Одбираме ноќно патување зашто од Драч до Бари се патува 10 часа. Тргнавме вечерта во 22 часот, стигнавме во Бари околу 8 часот утрото..
Од Бари до Наполи, автопат пувка. Се помачивме со локацијата да го најдеме Еугенио, ама со прашање и љубезна помош на наполитанците кои за чудо малку разбираат англиски, се снајдовме. Со убави луѓе не мора да говориш ист јазик за да се разбереш.
Колата ја оставаме на местото каде сме сместени и користиме јавен превоз. Ем пијам пиво раат, ем немам главоболки за паркинг, ем го доживуваш местото како локалец.
Тргнавме во поход на градот на Марадона.
Богатото културно-уметничко наследство на Наполи е под заштита на УНЕСКО. Википедија потсетува дека „во својот расказ „Стаклениот лиценцијат“, Сервантес вели дека, според мислењето на оние кои го виделе, Неапол е „најубавиот град во Европа, па и на целиот свет“. Јас од друга страна, сакам да гледам луѓе и така да го доживеам местото, не толку од знаменитостите што најчесто ги наметнуваат градските власти.
Наполи е градот со најубави бои. Тука не мислам само на сино белата боја на актуелните фудбалски шампиони на Италија, во која ова лето буквално плива градот, ами на колоритот од овошја, морски плодови, егзотика и боја на кожа на наполитанците и туристите. Големото пристаниште си го прави своето, па се чини дека колку има наполитанци, толку има туристи. Градот блеска со својата несовршеност во секој поглед. Би се преселил да живеам тука одма.
Катакомбите на Сан Џенаро и Сан Гаудиозо се едни од знаменитостите што мора да ги видите ако сте во Наполи. По археолошкото и уметничкото значење велат дека се трети во Италија по оние од Рим и Сиракуза, кои се чини дека се пообемни и побројни, нo нам ни оставија толку силен впечаток, поготово после социјалната и урбана приказната на водичот за тоа како станале туристичка атракција, а посебно што тоа било само пред 20 години. Не сум сигурен дали треба да ви ја раскажам приказната или да ја чуете во прва прилика при посета на градот. Од респект кон водичот кој ми го испочитува до максимум нашиот дијамант Елиф Елмас и рече дека Македонија му била во приоритетната листа за посета, ќе го одберам второто.
Во археолошкиот локалитет досега се избројани околу 3.000 погребувања. Ова е груба проценка, бидејќи сè уште не се истражени сите локалитети. Првобитното јадро на катакомбите на Сан Џенаро датира од 2 век од нашата ера. Тоа веројатно бил гроб на благородничко семејство, кое потоа обезбедувало простори за погребување на ранохристијанската заедница во Неапол.
Проширувањето започнало во 4 век по депонирањето во подземната базилика на посмртните останки на свети Агрипин, првиот патрон на Неапол.
Ден претходно бевме на островот Капри. Туристичка извикана атракција која изобилува со вили на светскиот џет-сет. Можеби +40-те степени, патот до островот, редиштата за лифтовите, посебно на враќање, си го направија своето, но островот посебен впечаток не ми остави. Ако веќе одите би препорачал тура со малите бротчиња околу Капри од 2 часа. Ние имавме среќа и го добивме Роберто како капетан, па не провна секаде. Потрошивме куп пари за Капри со кои би отепале уште два дена во Наполи. Што знам, други сигурно поинаку си го доживеале Капри, во тоа е целата убавина на личните приказни, но јас повторно би одбрал наместо Капри, тура по Амалфи Брегот. Па го имаш таму неверојтниот град Соренто, па Поситано, па Амалфи и местото од соништата Равело. Не споредливо доживување.
После силните впечатоци од катакомбите и водичот, запаливме аутото и тргнавме за Рим.
Дестинациите помеѓу две места на престој гледаме да не се исцрпувачки и повеќе од 4 часа возење, за да можеме да го искористиме денот од патувањето и во шетање.
Знаевме дека не очекуваат пеколни температури па го накркавме фрижидерчето со води.
Текстот го пишувам на вториот ден во Рим, после концертот од Muse и поминати повеќе од 50.000 чекори за неполни два дена. Tемпературата беше +40 степени а има некој врел сахарски ветер што во живот не сум верувал дека некогаш ќе се молам ветер да не дувнува.
За лудницата од концерт на Muse и впечатоците од Рим ќе пишам за неколку денови од Фиренца. Ја чекам Ана да се врати од базиликата на Свети Климент, па одиме да собериме душа во паркот и пејсажната градина на Вила Боргезе.
Јане Ѓорѓиоски
Фото: Ана и Јане
Прочитајте ги другите две репортажи од патувањето:
(ФОТО репортажа) Рим – епицентарот на светската историја, Фиренца – градот уметност самиот по себе
(ФОТО репортажа) Италијанското Охридско Езеро се вика Гарда, Санремо не е само музички фестивал