НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Ме задеваат овие денови разни сватови (оти, ја, нели, зет како мед?) зошто го „пуцам“ грогираниот боксер Мицкоски (или оној претходно беше боксер?); зошто го правам тоа, кога очигледно е дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е во потполна идејна конфузија.
Оние кои не можеш да ги „преебеш“ велат дека сѐ уште сакам да им се додворувам на СДСМ, што само ги потврдува моите дамнешни сомнежи дека во земјата Македонија сѐ се врти (во зависност од вкусот) околу еден тањир грав и експресен лонец преполн со сарми. Така Мицкоски ја разбира политиката. Заеби возвишени идеи, заеби племенит македонски патриотизам и слични трици и шлајшупки. Потплати овде, потплати онде, шушни вамо, дај грав тамо, и така се прави држава.
Од друга страна, единствена партија која изгледа, звучи и се залага за идеалот на модерна, ефикасна и идеолошки профилирана партија, денес, драги пријатели, тоа е Социјалдемократската партија. И тоа ќе го негираат само оние кои се „сомничави“ и „непреебиви“, а таквите постојат и тоа го прават исклучиво заради сопствена пресметаност.
Гледате и сами, не мора да ве потсетувам. Со месеци наназад велеа дека СДСМ го негира македонскиот јазик. Сиц! Кога дојде време, на пример вчера, да се гласа за законот на афирмација на македонскиот јазик, ВМРО-ДПМНЕ и Левица не го гласаа, поточно гласаа против законот за афирмација на македонскиот јазик. Кога официјален Вашингтон и Брисел, вклучително и Софија, им вели: ставете ги 3.500 Бугари во преамбулата на Уставот и нема да добиете повеќе вето, нашите „непреебиви патриоти“ и тоа не го прават. Кога им велиш дека таа партија не е реформирана, влече криминални петна од времето на Груевски, тие ти велат „ти си душман и предавник на македонскиот народ“.
Да биде ситуацијата уште по замрсена: вчера Орце Камчев, „вмроовскиот гуланфер“ го ставија на американската Црна листа. Главниот спонзор на ВМРО-ДПМНЕ се терети за корупција, перење на пари и останати подземни игри типични за секој просечен патриот кој многу си ја „љуби“ и многу си ја „сака“ мајчица Македонија.
Да си го изгубиш главниот криминален спонзор, верувам, претставува по приличен шок во таа „неизлуфтирана котерија“, ама ако шокот потрае неколку месеци, а сѐ ми делува дека од овој шок нема да се оправат, тогаш драги пријатели може да го заклучиме следново: Груевски и апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ за цела една декада апсолутно ги расипа тие луѓе затоа што единствениот фактор на кохезија во таа партија беше и остана – личниот интерес и пристапот до „чекмежињата“ и силиконските прасиња, ако ме разбирате што сакам да ви кажам.
Никакви реални изгледи нема ВМРО-ДПМНЕ да стане нормална политичка партија – која некогаш може да стане извршна власт – заради природата на човечката материја дополнително ја до-расипаа таа партија која ете, гледаме од приложеното, се обидуваат Македонија да ја одведат на цивилизациско дно, на кое и без неа со огромна брзина се приближуваме. А тамо се приближуваме ако само за момент не ставиме прст на чело и ги завршиме европските работи: Уставни измени со глас на сите пратеници.
Значи, гледате и сами: далеку сум јас од шутирање на грогираниот боксер, подобро речено – бившиот кошаркар Мицкоски? Ама ако уште еднаш се потсетиме, додека беа на власт со Груевски, не дозволуваа критика, можеби денес ќе ги прифатат критиките кои им се упатени од многу адреси. Ако и тоа не го прифатат, тогаш над глава им виси истата судбина каква што му висеше и на Груевски пред да падне од власт.
Јас искрено, на Мицкоски му предложив да ги прифати Уставните измени, а потоа да се делиме на сите вмозможни и невозможни политички полиња. Нека се обединат со СДСМ само за Уставните измени, а потоа, брате мили, фино-лепо на избори па да видиме што ќе одлучи народот и сенатот. Тоа е многу подобро отколку да чекаме „отаде хоризонтот“ да се стркала некој камен па после сите да облекуваме кожни гаќи.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline