Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски присуствуваше на настан по повод поставувањето камен темелник на нова Полициска станица Аеродром. На настанот присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, заменик директорот на Бирото за јавна безбедност, Арбен Јашари, како и претставници на Министерството за внатрешни работи.
„Денеска овде поставуваме камен темелник на нов објект на Полициската станица Аеродром, која ќе биде една од најголемите во градот и ќе покрива подрачје со најголем број жители во метрополата. Проектот на новата полициска станица која овде ја градиме од темел е проектиран да се изведе на површина од 3.500 квадратни метри, каде ќе поставиме нов модерен објект што содејствува на предизвиците, меѓутоа и на потребите на граѓаните во Аеродром. За прв пат по повеќе децении, оваа Влада ги реализира потребите на граѓаните од овој дел на Скопје – да добијат услови и услуги какви што ги заслужува секој граѓанин”, потенцираше премиерот Ковачевски во своето обраќање, на денешниот настан на поставување камен темелник на новата Полициска станица Аеродром.
Премиерот Ковачевски ги посочи капиталните инвестиции во овој ресор, набројувајќи ги проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, во кои се вложени 8 милиони евра, како и отпочнатата целосна реконструкција на Центарот за обука во Идризово.
„Реализираме капитални инвестиции, инвестираме во модернизација и заштитата на нашите припадници на полицијата и со тоа инвестираме во подобра и побезбедна иднина за сите нас. Во изминатите години постојано ги подобруваме состојбите и условите за припадниците на полицијата. Инвестициите во полицијата прават полицајците да бидат задоволни и со тоа да бидат ефикасни. Во изминатите шест години набавивме и униформи и друга потребна опрема за полицијата во вредност од над 10 милиони евра. Поразителен беше фактот дека припадниците на полицијата во период од 10 или 15 години немаа чизми, чевли, униформи или друга потребна опрема што влијае врз квалитетот на извршувањето на работните обврски”, нагласи премиерот Ковачевски, кој додаде дека е обезбеден и континуиран раст на платите на сите вработени во Министерството за внатрешни работи.
„Реализацијата на нашите врвни приоритети, а која што се огледа и преку последниот пораст на платите, при што платите во полицијата се зголемени за 25%, борбата со корупцијата и владеењето на правото, како и резултатите од нашите вложувања во безбедносните структури и осовременувањето на условите се видливи. Ако тргнете од Гази Баба, па одите по други градови, ќе видите дека полициските станици се комплетно реконструирани. Создаваме и модерна, професионална полиција која денес преку учество во меѓународните акции за сузбивање на криминал и заедничките активности во рамки на ФРОНТЕКС, за спречување на илегални движења преку границите ги покажува на дело нашите врвни достигнувања на полето на безбедноста”, заклучи на крајот од своето обраќање премиерот Ковачевски.