Некогаш постоеле империи, кои денес ги нема. Постоеле други држави, кои со времето исчезнувале. Ниту една држава не е дадена од Бога – тоа е разултат на еден процес на развивање на одредени состојби на теренот на кој се создава државата. После создавањето на државата, најдобар начин за избегнување на пропаѓање на државата е развој и единство. Гледате што се случува со помоќни држава од нашата каде што има проблеми. Пример во Велика Британија со Шкотска, во Шпанија со Каталонија и Баскија. Треба да разбереме дека државата еднаш се создава, но не мора да опстане еднаш засекогаш. Затоа е потребно постојано следење на состојбите на глобален план. Денес гледаме дека светот драстично се менува поради многу други фактори, не само заради војната во Украина, вели професорот на Катедрата по историја при Филозофскиот факултет, Далибор Јовановски за „Локално“
СДСМ поднесе Декларација до Собранието во однос на Илинден, за што Јовановски вели дека треба прво да се види текстот и како ќе биде протолкуван од сите засегнати. Во принцип вели дека е против многу резолуции бидејќи, според него историјата на македонскиот парламентаризам од 1990 година говори дека многу резолуции што биле едногласно донесени, понатаму не се практикуваат или почитуваат.
„Во Софија имаме слична ситуација и таму ми е јасно зошто се случуваат“, истакнува професорот.