Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Гадни се, многу, но ги има насекаде. Тие се дел од нашето секојдневие, ги има во секој дом. Тие се секогаш тука, дури и кога сте сигурни дека ги нема.
Тавтабити!
Исто така познати и како лебарки или буба-шваби (cockroach, Blattaria, Blattodea, roach). Што знаеме за овие гадинки?
Една од основните карактеристики на буба-швабите е нивната примитивност. Тие се меѓу најпримитивните живи крилести инсекти, кои и денес се речиси исти какви што биле кога настанале. Еволуцијата, едноставно, ги заборавила.
Лесно и брзо се множат, а имаат и долг животен век, како за инсекти. Живеат и по 200 и повеќе денови, а во текот на една година може да се создадат по две генерации.
Буба-швабите најмногу сакаат да бидат во топли, влажни и темни средини. Читател(к)ите може самите да погодат што значи тоа преведено во човечки карактер.
Во текот на својот живот, буба-швабите оштетуваат повеќе материјал отколку што можат да потрошат, а притоа испуштаат непријатен мирис. Јадат сѐ, од растенија до месо, па и алкохол. На нивното мени се отпадоците и мртвите инсекти, но и облеката, а не ги штедат ни книгите. И не заборавајте – уништуваат повеќе отколку што им треба за исхрана, а се сметаат и за преносници на заразни болести и алергии.
Буба-швабите се познати по својата издржливост и адаптибилност. Замислете, една буба-шваба може да живее цела недела без глава! Поради отворениот циркулаторен систем и тоа што дише низ мали дупки низ целото тело, буба-швабата не зависи од устата или главата за да дише. Умира од жед, дури после недела дена, само затоа што без уста не може да пие вода. Без храна издржуваат и до еден месец.
Ако ги потопите во вода, мислите дека сте го решиле проблемот? Не. Овие штетници можат да преживеат дури и потопени под вода половина час.
Брзи се. Можат да трчаат 4-5 километри на час. Тоа им овозможува брзо да избегаат од местото на опасност (и да се вратат), но значи и дека можат многу брзо да шират бактерии насекаде, во широк радиус.
Многу брзо растат. Стануваат возрасни за само еден месец. А веќе уште на бебешка возраст, иако се големи колку ситни зрна песок, па и помали, после само еден ден живот, можат да трчаат речиси исто толку брзо како и нивните родители. Нивната големина кога се возрасни се движи меѓу 1,2 и 5 сантиметри, но некои видови (Јужна Америка) можат да достигнат големина и до 15 сантиметри, со распон на крилјата повеќе од 30 сантиметри.
Тие се ладнокрвни суштества. Нивната издржливост и адаптибилноста се фасцинантни. Често се среќаваат и во човечки облик.