Политичкиот блок на партии на Албанците секојдневно се „збогатува” со по една партија. Вкупно досега, имаме осум активни партии, но се најавува формирање на уште еден нов политички субјект.
Партијата на пратеникот Скендер Реџепи – Зејд се чини дека ќе станат деветта политичка партија на политичкиот кампус на Албанците.
Со толкав број на политички партии гласовите на Албанците ќе губат на тежина, а можен е и пад на бројот на пратениците, сметат политичките аналитичари.
ДПА на Мендух Тачи само преживува во политичкиот блок на Албанците. Таа нема некаква организациона и голема тежина кај гласачите Албанци, иако е најстара активна партија на албанскиот политички блок од 1993 година.
ДУИ на Али Ахмети сè уште го држи приматот како најголема и најсилна партија. ДУИ во сите досегашни изборни циклуси од 2002 година доби највисок број гласови од Албанците, со значителна разлика од другите партии.
Од друга страна, во последните десет години се формираа и Движењето Беса на Билал Касами, Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и Алтернатива на Африм Гаши.
Во пресрет на парламентарните избори кои треба да се одржат идната година, на политичката сцена на Албанците се приклучуваат уште неколку нови партии.
Граѓанското Европско Движење на Ѓула Челик, Демократското движење на Изет Меџити, Европска Демократската партија на Аријанит Хоџа и партијата или движењето што се најавува од пратеникот Скендер Реџепи Зејд.
Според познавачите на политичките случувања во албанскиот политички блок, со ваков сплет на партии, гласовите на Албанците ќе губат на тежина, исто како што се случи пред неколку години кога имаше многу партии како: Нова Демократија на Имер Селмани, НДП на Руфи Османи, Унитети на Гзим Острени, Демократската унија на Албанците на Бардул Махмути и други.
Селим Ибраими од Институт за безбедносни студии и развој од Тетово, вели дека двете најсериозни партии на Албанците се ДУИ и Движењето БЕСА, на другите ќе им треба време да се консолидираат и етаблираат. Но смета дека големиот број партии може да делува деструктивно.
– Едно е сигурно, дека нивната улога ќе биде деструктивна за албанскиот електорат во Северна Македонија, бидејќи со толку голем број партии, младите и неопределени гласачи не знаат од каде доаѓаат и за која програма да гласаат. Демократското движење на Изет Меџити има голема веројатност да добие значителен број гласачи од ДУИ, а БЕСА ќе може да добие доволно гласови од Алијанса за Албанците. Додека, улогата на Скендер Реџепи и Аријанит Хоџа ќе биде уништувачка за албанскиот електорат, гледајќи ги нивните тенденции при формирањето на политичките партии. Друго реално сценарио кое може да излезе пред сите е создавање на два блока со ДУИ на чело, гледајќи ги овде Алијанса, Аријанит Хоџа, пратеникот Скендер Реџепи и ДПА. И опозицискиот блок со Движењето БЕСА, Алтернатива и Демократското движење на Меџити. Генерално, следната изборна трка ќе биде тешка, изјави Ибраими за Фронтлајн.
Политичкиот аналитичар Ќенан Алиу смета дека големиот број политички партии на Албанците во Северна Македонија се појавува поради многу причини, од принципиелни до причини кои удираат интереси од различни димензии кај политичките протагонисти.
– Како феномен тој е легитимен, иако на прв поглед изгледа дека го распарчува гласот на албанскиот електорат, но демократијата овозможува нивно групирање во изборната трка. Кога нивните раководства не можат да го најдат јазикот на соработка, тоа е нивен проблем, а не демократијата како систем кој дава можности за дејствување, вели Алиу за Фронтлајн.
Според него, бројот на мандатите на пратеници Албанци не зависи само од тоа колку партии се, туку и од други фактори.
– Тоа се поврзува пред сè со колкав ќе биде процентот на пристап до гласање на албанскиот електорат, каков е изборниот модел, колку изборни единици има државата и формулата за пресметка на мандатите. Со сегашниот изборен систем застапеноста на Албанците не може да падне по дваесет мандати без разлика на процентот на излезени граѓани на гласање, додека со поголемо учество во гласањето и кога условното учество на другиот блок е мало, застапеноста на Албанците може да достигне до 35 мандати. Но, практиката докажа дека не секој субјект што се регистрира може да ја издржи политичката сцена. Политичкиот опстанок одредено време зависи од политичката моќ што субјектот ќе ја покаже во текот на изборната трка првиот пат. Меѓутоа, ако се воспостави политичка култура за да се испеглаат ставовите и интересите, тие може да се обноват, реформираат, па дури и да се ребрендираат со текот на времето, потенцира Алиу.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, го критикуваше формирањето на нови политички партии на Албанците во земјата. Тој изјави дека не е против конкуренцијата, туку дека треба да има сериозност.
Во минатото, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го критикуваше формирањето на многу политички партии на Албанците, нагласувајќи дека на Албанците им требаат две силни политички партии, една на власт и една во опозиција.
Дестан Јонузи