Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска е избран за полноправен член на глобалната Коалиција на министри за финансии за климатска акција. Коалицијата претставува глобална иницијатива, во која членуваат министри за финансии на 90 држави и претставници од 26 институционални партнери.
Коалицијата е основана во април 2019 година, со цел да се координираат активностите на министрите за финансии во насока на почитување на преземените обврски од Парискиот климатски договор и Хелсиншките принципи за климатска акција.
– Мисијата на Коалицијата е во целост компатибилна со Планот за забрзан раст 2022-2026 година, во кој една од приоритетните области е заштита на животната средина, заедно со климатската акција, Фискалната стратегија 2023-2025 со изгледи до 2027 година, Програмата за економски реформи 2023-2025 година и другите стратешки документи на Владата и Министерството за финансии, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Коалицијата има за цел да ја поттикне зелената транзиција, меѓу другото, и преку поголемо користење на обновливите извори на енергија и поголема заштита на погодените категории на граѓани и фирми. Воедно, Коалицијата е задолжена за координиран одговор на министрите за финансии, преку поголеми јавни инвестиции и мобилизирање на значаен приватен капитал за зголемување на адаптибилноста и отпорноста кон климатските промени. Државите-членки на Коалицијата учествуваат со 40 проценти во глобалната емисија на стакленички гасови и со 66 проценти во светскиот бруто домашен производ.