Даночниот експерт Павле Гацов е дециден во тврдењето дека барањето за линеарно зголемување на пензиите нема економска логика. Потсетувајќи дека пензијата не е социјална туку економска категорија, чија висина зависи од уплаќаниот придонес за време на работниот стаж, Гацов во обид да ја ислустрира неоправданоста на ваквото барање на пензионерите, поставува контра прашање за правото на осигурениците од Вториот пензиски столб.
Дали има логично оправдување осигурениците во приватните пензиски фондови да добиваат иста исплата без оглед колкав придонес уплатувале! Имено, да уплатуваат симболично, но да добиваат солидарно од прибраната маса на пари од сите осигуреници (повеќе од уплатата).За вакво постапување економско оправдување нема. Истото правило важи и за осигурениците во државниот пензиски фонд, вели Гацов за Локално.
Главниот виновник за малите пензии според него е малата маса на уплатен социјален придонес за времетраењето на работниот стаж на пензионерот но и востановената практика на плаќање придонеси од страна на работодавачите.
Да не се заборави дека Фондот за ПИО и понатаму дефицитно се финансира, односно се врши негово капитализирање преку буџетот на товар на даноците и другите јавни давачки што ги плаќаат сите граѓани. Ако дојде до економски неоправдано зголемување на пензиите, ќе се зголеми дефицитното финансирање од буџетот, што за ефект ќе има зголемување на даночниот товар за сите граѓани, односно зголемување на дефицитот и јавниот долг, што повторно ќе доведе до одложено зголување на даноците. Со ваквата поврзаност на јавните финансии, парите што ги бараат пензионерите за своите внуци сега, ќе ги отплатуваат нивните внуци во иднина, дециден е Гацов.
Целата изјава на Гацов за Локално, тука.