Украинското воено воздухопловство денеска соопшти дека руските сили лансирале голема група дронови кон украинското пристаниште Измаил, на Дунав, во близина на границата со Романија, што е клучно за извозот на жито.
Британските медиуми пренесуваат дека на социјалните мрежи е објавено дека стрелбата на системот за противвоздушна одбрана се слушнал во областа во близина на овој град и пристаништето Рени, исто така на Дунав.
Во јужниот дел на областа Одеса, предупредувањето за воздушна опасност беше на сила околу еден час.
Преку украинските пристаништа на Дунав се извезуваше околу една четвртина од украинското жито, пред Русија да се повлече од договорот што дозволува безбедно поминување на бродови низ Црното Море. Оттогаш, пристаништата на Дунав станаа главна излезна точка, а житото се испраќа со шлепери до романското црноморско пристаниште Констанца, од каде што го продолжува своето патување.
На почетокот на август, рускиот напад врз Измаил ги зголеми цените на храната на глобално ниво, наведуваат британските медиуми.