Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова се обратила на пленарната сесија „Решенија за здрава Планета: Интегрирани одговори за намалување на деградацијата на животната средина на глобално ниво“ во рамки на седмото Собрание на Глобалниот фонд за животна средина што се одржува од 22 до 26 август во Ванкувер, Канада.
Како што соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање, сесијата била посветена на значењето на интегрираниот пристап при разбирањето на животната средина и намалувањето на деградацијата во правец на одржување и враќање на здравјето на Планетата, како неопходен услов и основа за одржливи отпорни општества. На сесијата се разговарало за искуствата при имплементирање на вакви одговори, идентификувани успеси, неуспеси и компромиси и биле истакнати насоки и пристапи што ГЕФ може да ги преземе и поддржи додека ги развива сопствените стратегии за програмирање и инвестициите.
Министерката Шукова се осврнала на националните искуства и ја истакнала потребата од поврзување на политиките за животна средина и климатска акција преку вкрстување на меѓународните и европските механизми.
Според Шукова, на тој начин се воспоставува инклузивен и усогласен пристап и воедно се олеснува спроведувањето на обврските на меѓународните правно обврзувачките договори и Европската зелена агенда, како наши национални и глобални приоритети во животната средина.