Неготинец бил агресивен кон мајка си, кавадарчанец добил кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, а во Демир Капија се случила физичка пресметка, информираше денеска Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
– Утринава во 04.45 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода М.П.(37) од Неготино, затоа што во дворот од семејната куќа во Неготино се однесувал агресивно и ја вознемирувал својата мајка, појасни Самарџиев.
Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Самарџиев соопшти дека вчера во 01.30 часот во ОВР Неготино пак, било пријавено дека пред угостителски објект во Демир Капија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ц.С.(26), Л.Л.(20), Т.В.(26), Ѓ.С.(28) и 17 – годишник, сите од Демир Капија, од една страна и Р.П.(33), В.М.(46), двајцата од Демир Капија, од друга страна. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Самарџиев додаде дека ОВР Кавадарци поднел кривична пријава против П.М.(41) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
– На 18 ноември 2022 во Кавадарци, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин и пари. Исто така, истиот ден, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот домот, при што бил пронајден и одземен хероин, информираше Самарџиев.