Белата куќа денеска ја повика Северна Кореја да не и продава оружје на Русија што таа би го употребила во војната против Украина, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун моментално е на пат кон Русија, каде што треба да престојува во официјална посета на таа земја, на покана на Путин.
„Како што јавно предупредивме, се очекува разговорите за оружје меѓу Русија и Северна Кореја да продолжат за време на посетата на Ким Џонг Ун на Русија. Ја повикуваме Северна Кореја да се придржува до обврските што ги презеде Пјонгјанг дека нема да испорачува или продава оружје на Русија“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.
Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, истакна дека каков било договор за оружје меѓу Северна Кореја и Русија директно ќе ги прекрши резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации кои забрануваат секаква трговија со оружје со Пјонгјанг.
Г. Т.