Владата е максимално посветена на реализација на реформите што го трасираат патот до побрза и целосна интеграција во ЕУ. Процесот на преговорите е отворен, како и можноста тој пат да се забрза. Скринингот како почетна фаза веќе е во тек, подготвен е и нацрт извештајот за првиот кластер кој меѓу другото укажува дека се спроведуваат реформи за подобрување на буџетските приходи и реализација на расходите, со истовремено подобрување на фискалната дисциплина.
Ова, информираат од Министерството за финансии, беше констатирано на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, што се одржа во Брисел.
-Посветеноста на спроведување на реформите има еден заеднички содржател, тоа е Европа да ја донесеме дома за сите граѓани. Реформите се дефинирани низ сите процеси што ги спроведуваме на национално ниво и заедно со нашите партнери од ЕУ, кои стојат цврсто и во континуитет зад нашата европска определба. Поддршката доаѓа во различни форми, а напредокот на тој пат значи унапредување на таа соработка и зголемување на достапноста до финансиски средства за реализација на дефинираните реформи, рече министерот Бесими.
На средбата беше истакнато дека постои меѓусебна поврзаност на спроведувањето на реформите и финансиската поддршка за земјите кандидати за влез во Унијата, односно дека спроведувањето на реформите ќе значи доближување до ЕУ и пристап до повеќе нови фондови. Во моментов на земјите-кандидати или потенцијални кандидати се достапни средства од претпристапните фондови – ИПА. ИПА III за периодот 2021 – 2027 година е во вкупен износ од 14,2 милијарди евра, додека преку фондовите што ги користат земјите-членки за тој период се достапни 392 милијарди евра. И тоа претставува само еден дел од придобивките од побрзото заокружување на овој европскиот процес.
Стана збор и за енергетската криза и мерките што се преземаат за справување со неа. Министерот посочи на пакетите мерки што досега се преземени од почеток на ковид-кризата и моменталната енергетска и ценовна криза, при тоа изрази благодарност за досегашниот ангажман на ЕУ да помогне во справувањето со кризата во земјата.
Во тој контекст беше посочено дека до крајот на годината се очекува исплата на првата транша од најавената макрофинансиска поддршка од ЕУ за нашата држава во износ од 50 милиони евра. Одлуката за доделување на макрофинансиска поддршка на земјава од страна на ЕУ во вкупен износ од 100 милиони евра беше донесена во текот на летото и се очекува постапката за повлекување на првата транша да заврши до крајот на годината.