Пишува: МАЈКЛ Џ. БОСКИН / Project Syndicate
И покрај отпорната економија која им пркоси на повеќето прогнози – досега избегнувајќи рецесија и одржување ниска невработеност– Американците се чинат сé понемирни. Голем дел, без доверба дека денешната добра состојба ќе трае, веруваат дека земјата оди во погрешна насока. Уште повеќе, Америка се соочува можеби со најсложената и најопасната геополитичка ситуација од падот на Берлинскиот ѕид.
Сепак, со толку многу работи во прашање, земјата се движи кон претседателски избори помеѓу кандидат кој е обвинет за повеќе сериозни кривични дела и актуелен претседател кој работи под дамка на корупција околу странските бизнис зделки на неговиот син. Се разбира, скандалите се дел од работата во американската политика. Претседателот Ричард Никсон ја напушти функцијата за да избегне негово отповикување и смена поради Вотергејт, а Бил Клинтон и Доналд Трамп и двајцата беа отповикани (но не осудени од страна на Сенатот). Сепак, денешниот политички бес се чини нов по своето ниво на интензитет – и истиот само расте.
Згора на тоа, виталните национални прашања остануваат нерешени, а идната економска сила и геополитичкото влијание на Америка се соочуваат со големи нови ризици. Земјата има прекумерен јавен долг и буџетската перспектива покажува огромни дефицити во недоглед. Социјалното осигурување и програмата за здравствено осигурување се движат кон банкрот. А Соединетите Држави итно треба да ја зајакнат својата војска и своите сојузи за да се спротивстави на растечките способности на сегашните и потенцијалните противници.
Понатаму, САД имаат потреба од реформи за ублажување на климатските ризици што не само што се разумни, туку можат и да издржат промена на власт меѓу партиите. Креаторите на политика мора повторно да воспостават контрола врз јужната граница и да донесат реформи на имиграцијата засновани на заслуги. И треба да одржат динамична пазарна економија со намалување на зависноста од „привремени“ фискални и монетарни интервенции. Без силно лидерство и креирање политика со здрав разум од страна на следниот претседател, САД ќе продолжат да се движат кон фискални, економски и можеби воени кризи со глобални последици.
На годишнината од донесувањето на Законот за намалување на инфлацијата, американскиот претседател Џо Бајден ги велича наводните придобивки од неговата политика (дури додека признава дека законот за намалување на инфлацијата беше погрешно именуван). Сепак, мнозинството независни гласачи – кои сега сочинуваат рекордни гласачкото тело – сметаат дека неговата политика им ја влошила состојбата.
Тие имаат добри причини да мислат така. Со своето прекумерно владино трошење финансирано од дефицит, во економија која веќе се приближува кон целосна вработеност, Бајденомијата беше најголемиот придонесувач на она што стана најлошата инфлација од раните 80-ти. Додека растот на цените некако стана умерен, базичната инфлација (не вклучувајќи ги цените на храната и енергијата) останува прилично над целта на Федералните резерви на САД од 2%. Исто така, гласачите знаат дека Бајден сакаше билиони повеќе за трошење од тоа што го доби и дека ќе се залага за повеќе трошење доколку добие втор мандат.
Загриженоста на Америка не е ниту само поради штетата направена врз семејните буџети со високата инфлација. За време на првите 20 месеци на Бајден, средбите со илегалните мигранти се искачија на повеќе од пет милиони, многумина добивајќи само ливче хартија со кое се задолжуваат да се појават на сослушување за азил во далечна иднина. Големите „прогресивни“ градови се толку опустошени од криминал што луѓето и бизнисите ги напуштаат. Огромната штета предизвикана од затворањето на училиштата поради пандемијата сé уште си го зема данокот, нанесувајќи посебно катастрофални резултати за веќе обесправените ученици.
Но, на жалост на повеќето гласачи, претседателските избори во 2024 година веројатно ќе биде реванш помеѓу Бајден и неговиот претходник, Доналд Трамп – двајца кандидати со низок рејтинг на одобрување и високи бројки на негативни чувства. Не само што возраста на Бајден го става во прашање неговиот капацитет да ја врши работата уште четири години, туку гласачите понатаму се одвратени поради скандалот околу странските бизнис зделки и даночното затајување на Хантер Бајден, вклучувајќи и обид за договор за имунитет.
Постои, исто така, и растечки доказ дека Бајден, како потпретседател на Барак Обама, помогнал или замижал пред напорите на син му за продавање влијание кои резултирале во тоа да наводно девет членови на семејството добиваат исплати од странски државјани. Во неодамнешна анкета на Си-Ен-Ен, половина од испитаниците рекле дека веруваат дека однесувањето на Бајден како потпретседател е незаконско (42%) или неетичко (18%) и дека постапил несоодветно во истрагата за син му.
Проблемите на Трамп се далеку полоши, и правно и политички. Во неодамнешна анкета на Фокс, поголемиот дел од испитаниците сметаат дека тој сторил незаконски дејствија (иако мнозинството Републиканци, исто така, сметаат дека третманот кон него од страна на Министерството за правда е мотивиран од партиска политика). Соочувајќи се со четири одделни обвиненија – вкупно 91 обвинение – поранешниот претседател ќе помине низ правни постапки во текот на републиканските прелиминарни избори и изборите следниот ноември.
Многу од обвиненијата против Трамп– и федерално и во државата Џорџија – се засновани на слаби или претходно одбиени правни теории, а некои можеби ќе бидат поништени по жалба. Други обвиненија, меѓутоа, како она за попречување на правдата во врска со доверливите документи на неговиот имот во Мар-а-Лаго, се чини дека се добро засновани. Во меѓувреме, Трамп и неговите поддржувачи продолжуваат да тврдат, лажно, дека изборите во 2020 година беа украдени.
И покрај овој товар, Трамп е силно фаворизиран за победа на републиканската номинација и тој е изедначен со Бајден во хипотетички натпревар на општите избори. Така, ни остануваат мноштво веродостојни сценарија. За почеток, Трамп би можел да ја добие републиканската номинација, да ги загуби општите избори, а потоа да ги обвини „лажните“ правни работи за неговата загуба. Ако некои од неговите обвиненија последователно се сменат по жалба, неговите тврдења би можеле да одекнат кај многу гласачи.
Друга можност е Трамп повторно да се врати во Белата куќа и да се амнестира себеси, или докази би можеле да се појават кои ќе ги поврзат странските плаќања директно со Бајден. Во било кое од овие сценарија, Бајден или Трамп би се нашле себеси како се обидуваат да управуваат со уште поподелена држава од она што го гледаме денес.
На Америка ѝ потребен лидер налик Хари Труман, Роналд Реган или Џорџ Х.В. Буш. Тие решаваа големи прашања, како градење на меѓународниот поредок по Втората светска војна, разбивање на инфлацијата, обнова на војската и вешто управување со крајот на Студената војна – вклучувајќи го повторното обединување на Германија внатре во НАТО, истовреме со победа во првата војна во Ирак (единствената топла војна што Америка ја има добиено од Втората светска војна). Ако Американците се немирни, една причина може да е тоа што се запрашуваат дали таков лидер ќе се појави.
Мајкл Џ. Боскин е професор по економија на универзитетот Стенфорд и виш соработник на институцијата Хувер. Беше претседател на Советот за економски прашања на Џорџ Х.В Буш од 1989 до 1993 година и ја водеше т.н Боскин Комисија, советодавно тело на конгресот кое истакнуваше грешки во официјалните проценки за инфлацијата во САД.
Превод: Наташа Цветковска