По извршените вообичаеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи вооружениот напад врз полицијата, објави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој нагласи дека во текот на вчерашниот ден косовската полиција беше веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали, а тој лично разговарал и со неговата колешка Доника Гервала – Шварц.
Низ целиот процес, косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив, вели Османи.
Вчера Министерството за надворешни работи информира дека преку дежурниот телефон на МНР, добиена е информација за седум државјани на Северна Македонија, од кои едното од нив дете, кои се сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот во селото Бањска, каде е извршен вооружен напад врз косовските полициски сили.
Ј. Ѓ.