Пишува: ЈАН-ВЕРНЕР МУЛЕР / Project Syndicate
Се чини дека 2023 година ќе биде уште една лоша година за демократијата. Имаше неколку државни удари во Африка. Тунис – што долго се претставуваше за една демократска успешна приказна на Арапската пролет – виде консолидација на авторитарен (и ксенофобичен) режим. А Доналд Трамп се чини е на пат да ја обезбеди републиканската номинација за претседателските избори на САД во 2024 година.
Важно е како ќе ги опишеме ваквите случувања. На крајот на краиштата, зборовите имаат последици. За жал, дел од јазикот што се користи за анализа на глобалната демократска рецесија го има токму погрешниот ефект. Терминот „назадување“ – што придонесе кон љубопитна пасивност кај продемократските сили – е таков пример.
Светот не се движи „назад“ кон некои режими познати од минатото, ниту пак кон динамики и околности што сме ги виделе порано и кои лесно можеме да ги разбереме. Конвенционалната мудрост одамна е тоа, додека демократиите прават грешки, тие, исто така, учат од тие погрешни чекори и соодветно се прилагодуваат – карактеристика која ги издвојува од сите други политички системи. Но, авторитарците сега покажаа дека и тие можат да се прилагодат, учејќи од сопствените грешки, од оние на нивните претходници и од нивните врсници.
Всушност, современите автократи смислија нови правила за консолидирање, спроведување и одржување на власта – кое значително зависи од задржувањето на некои замки на демократијата. Како што социолозите Сергеј Гуриев и Даниел Трисман покажаа, овие таканаречени диктатори на спинување ни оддалеку не личат на насилните или дури геноцидните „диктатори на страв“ кои доминираа во дваесеттиот век. Тие избегнуваат употреба на отворена репресија за да ги зајакнат своите позиции. Тие, исто така, избегнуваат да вршат очигледно кршење на законот, па дури и го употребуваат законот за да ги постигнат своите цели, во она што научниците го нарекуваат „автократски легализам“.
Овие автократи се фокусираат на манипулирање со јавното мислење, додека постепено ги ослабуваат демократските норми и институциите од кои тврдат дека го црпат својот легитимитет. На пример, наместо да се вклучат во старомодна отворена репресија, тие би можеле да користат современи технологии за следење, како што е шпионскиот софтвер, за да ги идентификуваат можните неистомисленици. И наместо да користат безбедносни служби за да затропаат на вратите на неистомислениците доцна навечер, тие би можеле да ги испратат даночните служби да и најдат грешки на дадена невладина организација или весник.
Диктаторите на спинување, исто така, измислуваат нови „факти“ на терен. На пример, екстремно десничарските популисти во Полска и Унгарија успеаја да ја измамат Европската унија доволно долго за да ги реструктуираат домашните институции и да го сменат персоналот во служба на консолидирање на сопственото владеење. Иако не е незвозможно да се поништи оваа штета, станува сé потешко секој ден.
Ова не значи дека денешните автократи се политички волшебници способни да ги мамат сите луѓе цело време. Тие, исто така, прават доста грешки кои можат да го загрозат нивното владеење и го држат насилството и другите начини на отворена репресија во резерва. Рускиот претседател Владимир Путин немаше никаков проблем да се откаже од секакво преправање за законитост и толеранција за неистомисленици откако нареди инвазија на Украина. Меѓутоа, поентата останува: ние не се враќаме едноставно на еден вид на авторитаризам што сме го виделе претходно.
Ако „назад“ дава погрешна претстава, истото важи и за „лизгање“. Слично на фразата „ерозија на демократијата“, терминот лизгање сугерира дека се работи за некаква несреќа, па дури и квази-природен процес. Но, многу амбициозни авторитарци имаат план, а тој план често вклучува елементи копирани од други. Откако унгарскиот премиер Виктор Орбан покажа како да се измами ЕУ и да се одолговлекува додека тој ја консолидира својата автократија, другите лесно можеа да го имитираат – како што тоа го направи владеачката партија на Полска.
„Назадувањето“, исто така, сугерира дека сегашната демократска рецесија претставува линеарен процес. Како што забележуваат Шон Хенли и Лиција Чианети, ова „ризикува да се репродуцираат, обратно, интелектуалните ограничувања на транзициската парадигма од 1990-тите. Во двата случаи, постои претпоставка дека секој се движи неуморно по истиот пат. Но, неоправданиот оптимизам (сите во потрага по поцврста демократија) го отстапи местото на неоправданиот песимизам (сечија демократија се „еродира“).
Во реалноста, светот денес не доживува сеопфатна, а камоли неизбежна, промена кон автократија ништо повеќе отколку што доживува убедливо спасување на демократијата. Фактот што авторитарните популисти понекогаш – но тешко секогаш – се изгласани надвор од власта, го прави ова очигледно јасно.
Ваквите флуктуирачки динамики можат да се видат на дело во Република Чешка и Словачка. Кај втората, по период на либерален отпор кон авторитаризмот и корупцијата, про-Путин крајниот популист Роберт Фичо би можел да се врати на власт во наредните брзи избори. Можеби треба да го замениме терминот назадување со „итање“, термин предложен од страна на Хенли и Чианети за да се долови често непридвидливата цик-цак траекторија.
Ако претпоставиме дека демократиите се на линеарен, практично неизбежен, пат назад кон старомоден авторитаризам, не успеваме да дадеме соодветно размислување за потенцијалните патишта за излез од новиот авторитаризмот. Пред изборите со авторитарни актуелни функционери на гласачкото ливче – како во Унгарија минатата година, или Турција на почетокот на оваа година – либералните набљудувачи обично се јасни за својот посакуван исход, но, ретко нудат некој план за денот по гласањето.
Некој може да го препише овој неуспех на фатализмот: никој навистина не очекува дека власта ќе ги смени рацете. Но, тоа може да биде и знак на интелектуална мрзливост, каде набљудувачите претпоставуваат дека може едноставно да се применат готови лекции од претходни транзиции – притоа покажувајќи слаба грижа за новите елементи на денешните автократски системи. Добро би било тие да признаат дека поддржувачите на новите авторитарци можеби имаат многу различни стимулации и мотивации од оние на номенклатурата од комунистичката ера, на пример. Оние кои имаат удел во клептократски мафијашки држави и корумпирани војски можеби не сакаат да седнат на тркалезна маса да преговараат.
Ваквите генерализации – како оние засновани на минато искуство – можат да бидат погрешни, но, тоа е поентата. За да се зачува, обнови или поттикне демократијата на глобално ниво, потребни ни се внимателни анализи на поединечни случаи, а не само општи претпоставки за „глобалните трендови“.
Јан-Вернер Мулер, Професор по политички науки на Универзитетот Принстон, е автор на Democracy Rules (Farrar, Straus и Giroux, 2021; Allen Lane, 2021).
Превод: Наташа Цветковска