Претседателот на опозициската Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, изјави дека Косово во неделата се соочи со терористички напад организиран од српската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.
На почетокот на седницата на Собранието на Косово, која пратениците се договорија да ја започне со предлог-резолуција за казнување на нападот на северот, Красниќи истакна дека намерите на Србија кон Косово не се завршени.
– Денеска, пред сé, не можеме да зборуваме за нашите внатрешно-политички битки. Поразот на терористичката група во Бањска не е крај на целите и намерите на Србија кон Косово – нејзина цел и намера е екстремна дестабилизација на Косово. А, Косово денеска е на удар и сите ние, без исклучок, мораме да бидеме на ниво на нашите должности и одговорности, рече Красниќи.
Лидерот на најголемата парламентарна опозициска партија изјави дека е сосема јасно оти организацијата и оркестрацијата на терористичкиот напад на Република Косово има своја главна адреса во Белград.
– Потврдувањето на вмешаноста на (потпретседателот на партијата Српска листа) Милан Радојчиќ во оваа акција, софистицираното и бројно оружје на терористите, нивното засолнување во Србија по нападот и нивното воздигнување како херои од официјалните институции на Белград, вклучително и прогласувањето на денот на жалост , ја покажуваат силната поврзаност на оваа терористичка група со државата Србија, рече Красниќи.
Според претседателот на ПДК, денес „пред сé е многу важно Косово да побара екстрадиција на терористите кои го планираа и извршија терористичкиот напад“ врз државата. Во таа насока, тој побара целосна поддршка од меѓународни сојузници, кои треба да го зголемат притисокот врз Србија да ги предаде членовите на групата напаѓачи кои пребегнаа на нејзина територија.