Група жени од Гренланд бараат отштета од Данска поради спроведување на кампања за принудна контрацепција во текот на 60-тите години од минатиот век, изјави денеска адвокат на жените. Со оглед на тоа што официјалниот извештај од владите на Гренланд и Данска нема да биде готов до мај 2025 година, групата сега бара компензација, имајќи предвид дека некои од жените сега се на возраст од 70 и 80 години, пишува Гардијан.
„Сосема е јасно дека имало прекршување на законот и човековите права“, изјави Наја Либерт, една од жените што бараат отштета. Скандалот излезе на виделина минатата година кога данската телевизија објави дека извештаите покажуваат дека меѓу 1966 и 1970 година, 4.500 спирали биле вградени кај жени и девојчиња, почнувајќи од 13-годишна возраст, без нивно знаење или согласност.
Данската и Гренландската влада формирале тим од истражувачи за да ги откријат размерите на случајот. Гренланд доби авторитет над својот здравствен систем во 1991 година. Секоја жена бара по 300.000 дански круни (40.216 евра), изјави нивниот адвокат Мадс Праминг, кој денеска испрати барања во име на отштетените жени до канцеларијата на премиерката Мета Фредериксен.
Гренланд беше данска колонија до 1953 година, но сега е полусуверена територија на Данска, со население од само 57.000 луѓе. Во последниве години, се појавија обвинувања за престапите на данската влада против луѓето од нејзините поранешни колонии. Минатата година Данска јавно им се извини на жртвите од експериментот во 50-тите години, во кој деца од Гренланд се носеле во Данска.
Г. Т.