Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната на Европскиот парламент синоќа не ги одобри номинациите на еврокомесарот за меѓуинституционални односи Марош Шефчович за извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор и на поранешниот холандски министер за надворешни Вопке Хукстра за нов еврокомесар за климатски активности, откако на гласањето двајцата кандидати не ја добија неопходната поддршка од најмалку две третини од членовите на Комитетот.
За номинацијата на Хукстра, членовите на Комитетот за животна средина требаше да се изјаснат во понеделникот, но гласањето беше одложено и презакажано заедно со изјаснувањето за Шефчович.
Претседавачот на Комитетот, европратеникот Паскал Канфин од либералната партија Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, информира дека откако двајцата кандидати не успеаја да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за потврдување на нивните номинации, тие треба да одговорат на дополнителни писмени прашања од страна на членовите на Комитетот, со надеж дека со дообјаснувањата ќе успеат да ги убедат да ја добијат нивната поддршка.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, крајниот рокот до кога требаше да ги дадат писмените одговори на дополнителните прашања истече денеска во 7 часот, по што претпладнево треба да се состанат претставници на пратеничките групи во Европарламентот, кои ќе имаат 90 минути да донесат одлуки околу поддршката на предложените кандидати. Доколку тие се усогласат за поддршка на номинациите, за нив европратениците ќе треба да гласаат на пленарната седница во текот на утрешниот ден.
Според Канфин, на вчерашното сослушување европратениците од десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) биле „незадоволни од многу нејасни одговори“ на Шефчович, кој доаѓа од партијата Насока – Словачка социјална демократија, членка на левоцентристичката Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Канфин информира дека дополнителните прашања упатени од Шефчович се однесуваат на дефинирање на временскиот рок за усвојување на неколку клучни регулативи поврзани со животната средина, што Комисијата треба допрва да ги утврди, како оние за хемикалиите, микропластиката и благосостојбата на животните. Но, едно од дополнителните прашања за Шефчович е поврзано со можноста неговиот партиски лидер Роберт Фицо, кој важи за човек наклонет кон Москва, да биде нов словачки премиер: „Дали се обврзувате да ја браните позицијата на ЕУ за енергетското ембарго кон Русија во сите национални главни градови на ЕУ, вклучувајќи го и оној што најдобро го познавате?“
Од друга страна, резерви кон изборот на Хукстра, кој доаѓа од холандската десноцентристичка партија Христијанско демократски повик (ЦДА), која е членка на ЕПП, изразуваат европратениците од СД и Зелените.
Дополнителните прашања за Хукстра се однесуваат околу неговата „јасна посветеност“ на целта на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови за 90 отсто до 2040 година, за укинување на субвенциите за фосилните горива, „појаснување“ на неговиот план за спроведувањето на Законот за климата на Унијата, но и за неговиот поранешен ангажман за консултантската компанија „Меккинси“.
Канфин додаде дека и Шефчович и Хукстра дополнително треба да го објаснат „своето разбирање на технолошката неутралност“, принцип на ЕУ чија цел е избегнување на фаворизирањето на одделни технологии. Писменото прашање за оваа тема за двајцата гласи: „Која е вашата визија за најдобриот начин да се постигне технолошка неутралност и потребата да се поттикне рамноправен терен за игра во енергетскиот сектор“.
Се претпоставува дека шансите да биде поддржан само еден од двајцата кандидати се минимални, па најверојатно нивните номинации ќе бидат одобрени во „пакет-договор“ меѓу двете најголеми политички групи во Европарламентот – ЕПП и СД, кои цврсто стојат зад нивните партиски кандидати. Доколку, сепак, нема договор за поддршка на номинациите, гласањето во Европарламентот ќе биде одложено за следното пленарно парламентарно заседание.
Функциите извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор и еврокомесар за климатски активности останаа празни по оставката на Франс Тимерманс, кој во август официјално се повлече од Европската комисија за да биде кандидат за премиер на блокот на неговата Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на предвремените парламентарни избори во Холандија закажани за во ноември.