По многу години, сега на агендата како тема го имаме проширувањето на Европската Унија. Ова е исклучително важен состанок со сите земји во Европа и една од главните теми што нам ни е од најголема важност е проширувањето, а секако ќе дискутираме и теми поврзани со дигитализацијата и воведувањето на вештачката интелигенција со цел подобрување на условите за граѓаните, изјави премиерот Димитар Ковачевски, пред почетокот на третиот состанок на Европската политичка заедница, што се одржува денеска во Гранада, Шпанија.
Ковачевски, посочи дека Северна Македонија се наоѓа во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочна преговорите со ЕУ, додека во Унијата веќе е отпочнат процес на прилагодување на функционирањето на повеќе земји членки.
– Мислам дека ние се наоѓаме во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Од друга страна, ЕУ има стратешки интерес и веќе отворен процес за свое прилагодување коешто е паралелен во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со земји кои што имаат поголем број од сегашниот што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред се мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на прилагодување на функционирањето на повеќе земји членки, изјави Ковачевски.
Северна Македонија според мене, меѓутоа и според сите оценки е земја лидер на Западен Балкан во делот на пристапувањето во ЕУ. Иако ги погледнете перформансите на нашите усогласувања досега ние веќе имаме над 45 проценти усогласеност на нашите законодавства со законодавството на ЕУ. Најголемиот дел од нашите институции се веќе усогласени со начинот на организација и функционриање на институциите на ЕУ и секако дека Северна Македонија е дел од земјите коишто ќе бидат вклучени во делот на проширувањето на ЕУ, порача Ковачевски.
-Ние сме земја која што веќе го привршува билатералниот скрининг, а во однос на сите поглавја веќе извештајот за првиот првиот кластер фундаменталс е завршен. Веќе работиме на подготовка на патоказите врз основа на коишто подоцна и се спроведува целиот процес на пристапување заедно со отворањето на поглавјата и она што останува е да и ние ја исполниме нашата обврска преземена во Преговарачката рамка, одобрена од сите земји 27 земји членки на ЕУ, да ги спроведеме пторебните нашето Собрание коишто се однесуваат на европското интегрирање односно да ги направиме потребните амандмани на Уставот и потоа веднаш да продолжиме со отворање на првиот кластер, рече Ковачевски.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Гранада, тој изрази уверување дека доколку ги направиме потребните одлуки во текот на оваа година, не само што, како што кажа, „ќе го отвориме првиот кластер туку ќе бидеме во можност да затвориме едно или две поглавја од првиот кластер од Преговарачката рамка“.
Според него, многу е важно што овој самит на ЕПЗ се случува ден пред неформалниот Совет на ЕУ, на кој присуствуваат лидерите на сите земји членки на ЕУ, кои денес беа присутни заедно со сите други земји од Европа и на состанокот кој се одржува утре, исто во Гранада на кој лидерите од ЕУ ќе започнат дискусии за приоритетите на Унијата во следните години, односно ќе дискутираат со цел да ја подготват стратешката агенда на ЕУ за годините кои следат.
-По нашите дискусии денес, тие утре ќе разговараат за проширувањето како стратешка определба на ЕУ, како и за внатрешната реформа во насока на тоа проширување, односно за реформа која ќе овозможи Унијата да фунцкионира со нови земји членки кои ќе пристапат во периодот пред нас до 2030 година. Оттука, за нас како земја, но и за целиот регион на Западен Балкан, Европската политичка заедница како платформа е исклучително значајна. По самитот во Кишињев и првиот кој се одржа во Прага, денес овде во Гранада, повторно имаме можност и ние и останатите земји кои се дел од процесот на пристапување, да се вклучиме во дел од тие разговори денес и тоа преку учество на работни маси и билатерални средби на маргините на овој самит со премиерите на другите држави, рече Ковачевски.
Тој истакна дека на тркалезната маса на тема Дигитална транзиција и вештачка интелигенција говорел за придобивките и позитивните практики кои преку дигитализација, може да ги добијат државите но пред сè граѓаните во делот на остварување на поефикасни и побрзи услуги.
-Исто така разговаравме дека со зголемувањето на дигитализацијата, со зголемувањето на телекомуникациските услуги а нашата држава е држава којашто ја има во Европа една од најдобрите телекомуникациски мрежи и една од најразвиените телекомуникациски мрежи. Рака под рака со овие предизвици оди и сајбер безбедноста како и заштитата од хибридни напади и затоа тука се договоривме дека во веќе формираниот центар за заштита од сајбер напади, од страна на ЕУ, ќе биде проширен како во однос на процесите така и во однос на фондовите. Ќе бидат опфатени и земјите кандидати за членство во ЕУ. И Северна Македонија ќе биде опфатена во овој центар којшто ќе овозможи подобра заштита на нашата телекомуникациска мрежа, на нашите системи од сајбер напади кои се случуваа во минатото, меѓутоа од кои постои опасност дека ќе се случуваат, рече Ковачевски.
Посочи дека како Влада имаат силна волја што побрзо преку дигитализација да развиеме различни алатки за дигитализација на јавните услуги, бидејќи колку побрзо се имплементираат толку побрзо нашите граѓани, компаниите ќе ги почувствуваат придобивките од истата.
Истакна дека со билатералните средби со премиерот на Ирска, Лео Варадкар и со премиерот на Холандија, Марк Руте и со премиерот на Шпанија Педро Санчез, разговарале за динамиката на скрининг процесот кој Северна Македонија го има со ЕУ, кој се одвива одлично.
-За динамиката во однос на одлуките кои треба да ги донесеме во нашето Собрание а кои се однесуваат на уставните амандмани и продолжување на европските интеграции и отворање на кластерите по завршувањето на процесот на скринингот. Секако дека добивме поддршка во однос на овие процеси од државите и од премиерите со кои денес имав можност да разговарам, рече тој.
Како клучни пораки од денешните состаноци ги посочи дека Европа успеала да покаже дека само со заедничка работа можат да се остварат и визијата за мир, стабилност, обединетост и просперитет на европскиот континент без разлика дали земјите се членки на ЕУ или се земји кандидати за членство во ЕУ кои наскоро ќе станат земји членки.
-Потоа, дека ние сме поврзани и географски меѓутоа и вредносно и историски на овој контитент и дека делиме заеднички вредности, дека мора да се воспостави заедничка безбедносна архитектура за европскиот контитент да живее во мир, слобода и просперитет. И секако дека Европа отсекогаш била една од центрите односно била континент на иновации и континент на нови процеси кои се одвиваат во светот, дека има огромен потенцијал и дека со заедничка работа ќе може да се придонесе и за развој на бизнисот и за развој на животниот стандард на европскиот контитент. И секако дека проширувањето останува високо на агендата на ЕУ за што утре ќе има и конкретен состанок на лидерите на ЕУ на неформалниот состанок на Европскиот совет, додаде Ковачевски.
Истакна дека таму ќе се разговара за внатрешните реформи кои ЕУ треба да ги направи со кои ќе биде во можност да апсорбира нови земји членки во ЕУ, бидејќи не е исто доколку ЕУ работи со 27 земји членки во однос на она што би било доколку има 32, 33 земји членки во ЕУ во делот на нејзиното функционирање.
-Веќе во медиумите е лиферувана информација дека постои германско-француски предлог во однос на еден работен материјал кој ќе биде основа за утрешниот состанок, меѓутоа и за состанокот официјален на Европскиот совет кој ќе биде во декември. Јас не би навлегувал во детали со оглед на тоа дека се работи за работен материјал кој треба да го презентираат тие коишто го направиле меѓутоа го имам видено, се работи за материјал кој има позитивни сигнали и позитивни одредби во однос на пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, нагласи тој на прес-конференција на Самитот на ЕПЗ во Гранада.
Според Ковачевски, значајно е што утре ќе биде одржан и неформален состанок на Европскиот совет на кој ќе се разговара токму за прашања значајни за нас, а тоа е пред се мирот и безбедноста во Европа, поддршката на Украина, но и проширувањето на ЕУ.
– Како што најави и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, веќе во рамки на ЕУ се води дебата во однос на подготовката на ЕУ за прием на нови членки од една страна и од друга страна процесите за пристапување кои што самите земји членки ги имаат со ЕУ, изјави Ковачевски.
Според Ковачевски, она што стои во документот изработен од Германија и Франција е позитивно за земјава и за државите од регионот.
– Јас не можам тоа да го коментирам во моментот бидејќи се работи за работен документ кој не е финален и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено и сметам дека тоа што стои во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и земјите во регионот, рече Ковачевски.
Во рамки на состанокот, како што посочи, планирано е да има работни состаноци на кои ќе присуствуваат премиерите на Франција, Италија, Обединетото кралство и на други држави, како на претставникот на Европскиот Парламент и на Европската Комисија.
– Се надевам на успешни состаноци. Ќе имаме и билатерална средба со премиерот на Холандија, премиерот на Ирска и потпретседателот на ЕК, рече Ковачевски.
Гранада денеска е центарот на европската политика. Градот со нешто повеќе од 200.000 жители и големо историско и културно наследство испреплетено од трите големи монотеистички култури – христијанската, муслиманската и еврејската денеска е домаќин на третиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЦ), на кој се поканети 27 земји-членки на ЕУ, 17 други соседни земји, како што се Обединетото Кралство, Турција, Украина, Швајцарија и балканските држави.
Европската политичка заедница има за цел да поттикне политички дијалог и соработка во решавањето на прашања од заеднички интерес, да ја зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Замислена како платформа за политичка координација, формирана во мај 2022 година на иницијатива на францускиот претседтаел Емануел Макрон, таа не заменува ниту една постоечка организација, структура или процес и нема за цел да создаде нови во оваа фаза.