Добро е да се има цел, да се има хоризонт, а 2030 како датум за проширување на ЕУ е тој хоризонт, но потребно е тоа да се забрза, затоа што досега изгубивме многу време тој процес, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел при пристигнувањето на денешниот неформален Самит на ЕУ што се одржува во шпанскиот град Гранада.
– Целта на поставување на датум е да се мобилизира политичката енергија за да започне движење. Добро е да се има цел, да се има хоризонт, но тоа не е прецизен датум. Ако немаме хоризонт луѓето ќе мислат дека има време, но ние немаме време. Изгубивме многу време во процесот на проширување, изјави Борел, додавајќи дека сега кога и Украина е кандидат за членство, тоа ќе може „да ги потурка“ и останатите земји.
Тој истакна дека ЕУ треба да работи со сите десет кандидати за членство, при што пристапувањето ќе мора да се турка многу побрзо отколку во минатото, за што клучно е да има движење и тоа да биде побрзо, но и да се води сметка за пристапот на прилагодување.
Борел потенцира дека на денешниот Совет на ЕУ, покрај за проширувањето, како второ важно прашање од стратешката агенда на Унијата, за кое ќе разговараат лидерите ќе биде миграцијата и тоа за планот од 10 точки што минатиот месец го промовираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според него, во справувањето со илегалната миграција најважно е да се зајакне сузбивањето на шверцот на луѓе и од воздух, и по море и по копно.
– Не смееме да дозволиме луѓето да бидат користени како оружје, а тоа сме го гледале кога се притискаат кон границите за да се предизвика проблем, изјави Борел.
Тој нагласи дека за да се спречи шверцот на луѓе и илегалната миграција треба да се работи со земјите од јужниот Медитеран, пред се со Тунис, но и со Либија, но и да се постават гранични контроли и појужно во Африка, во регионот на Сахел.
– Знам дека тоа ќе биде тешка задача, но јас како одговорен за безбедносната и одбранбената политика сум подготвен да ја разгледам и таа можност. Кај миграцијата мора да нападнеме во коренот – луѓето се движат затоа што се принудени да се движат, затоа што се загрозени и бараат подобри можности, изјави Борел.