Согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење што го објави „Фокус“, внатрешните поделби во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се прелеваат и кај расположението на гласачкото тело односно директно влијаат на перцепцијата на граѓаните.
Заклучок е дека Судирот Мицкоски – Груевски ја ослабна партијата и видливо го намали рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку внатрешниот раскол се преслика и на претстојните избори и се случи нов политички субјект или поддржувачи на Никола Груевски да истапат на парламентарните избори со сопствени листи, како што се шпекулира во политичките кругови како веројатност,поделената ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее пораз.
На прашањето „Кога изборите би биле денеска, за која партија е најверојатно да гласате“ за ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски се изјасниле 10.1% од испитаните граѓаните додека пак за нова партија од ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски се изјасниле 9.2% од граѓаните. За СДСМ предводена од Димитар Ковачевски се изјасниле 15.8% од испитаниците и во вакви околности владејачката партија избива на прво место.
Ова значи дека од кулминација на поделбите во ВМРО-ДПМНЕ најголема корист има СДСМ. Гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ е поделено и речиси кај половина има расположение да поддржат нова партија предводена од Никола Груевски.
Кај албанските политички партии ДУИ е стабилна и води со 6.2% од испитаниците. За Коалицијата на Алтернатива, БЕСА и Демократското движење се изјасниле 4.2% а за Алијанса на Албанците 2.7% од граѓаните.
Според резултатите од анкетата, поделеноста на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ и дистрибуцијата на табори на Мицкоски и Груевски доведува до политички ќар за Ковачевски при што тој со својот рејтинг избива над вмровските лидери кои се во конфликт.
На прашањето „За кого би рекле дека е Ваш омилен политичар“ најмногу испитаници одговориле „ниту еден“ односно 25.1%.
За Димитар Ковачевски се изјасниле 12.8% од граѓаните и води пред Никола Груевски за кого се изјасниле 11.1% од испитаниците, додека за Христијан Мицкоски се изјасниле 10.5% кој моментално е на третото место.
После анкетата на ИРИ ова е второ истражување на кое Никола Груевски има повисок рејтинг од Христијан Мицкоски.
Извор: Фокус.