До крајот на месецов, според најавите на претседателот на државата, треба да биде свикан Советот за безбедност на кој ќе се разгледа безбедносната состојба во земјава по последните случувања во Израел и војната во Украина.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во четвртокот изјави дека поволна околност е тоа што државата е членка на НАТО и дека добива информации од Советот за безбедност на Европската унија.
– Секако дека Советот за безбедност ќе биде свикан, не само за последниот развој на настаните на Блискиот исток. Моите луѓе во Кабинетот правеа напори да ги усогласат агендите на првите луѓе од Владата бидејќи тие мора да бидат присутни. Претпоставувам дека до крајот на овој месец ќе имаме седница на која ќе зборуваме и за северот на Косово каде имаме контингент којшто сакаме да го зголемиме по барање на НАТО. На дневен ред ќе биде и Украина и Блискиот исток, рече Пендаровски за емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21.