Графичкиот дизајнер и уметник Зоран Кардула ја најави својата прва изложба во Вроцлав во Полска, што ќе се одржи од 27 октомври и ќе биде отворена се до крајот на годината.
„Со големо задоволство ја најавувам мојата прва изложба во Полска, во градот Вроцлав со која ќе започне серијата на презентации на македонски графичари. Изложбата ќе се одржи во Club & Galleri Dobro и истата ќе ја отвори нашиот Амбасадор во Полска, Г-дин Илија Псалтиров“, истакна во изјава за „Фронтлајн“, уметникот Кардула.
Кардула најави дека темите со кои ќе се претстави на изложбата се илустрации на Брутализмот од архитектурата во Македонија.
„Темата со која ќе се преставам се илустрации од Брутализмот како богатство во архитектурата со кое треба да се гордееме. Тука се Поштата, Студентскиот Дом Гоце Делчев, МНТ, Костурницата во Велес и секако мојот омилен Македониум. Изложбата ќе биде отворена до крајот на годината“, рече Зоран Кардула за „Фронтлајн“.
Ј. Ѓорѓиоски