Вкупната нето добивка на Хрватска од членството во Европската унија е 12 милијарди евра, а целта е да го достигне просечниот стандард во следните десет години, изјави денеска во Саборот, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.
Пленковиќ го презентираше годишниот извештај за работата на Владата пропратен со бучни реакции на пратеници од опозицијата кои беа незадоволни затоа што го прекршиле собранискиот деловник со распоредот на говорници.
-Вкупната нето добивка на Хрватска во однос на плаќањата и исплатите на буџетот на ЕУ изнесува 12 милијарди евра, рече премиерот во својот долг говор, во кој се осврна на повеќе теми од внатрешен и надворешен план.
Тој рече дека хрватскиот БДП по жител пред седум години бил 62 отсто од просекот на ЕУ, а сега е на 73 отсто.
Пленковиќ рече дека Владата „има уште многу работа за да се достигне просекот на Европската унија за десет години“. За тоа ќе помогнат и околу 25 милијарди евра од европските фондови што се достапни за Хрватска во следната деценија.
-Просечната стапка на хрватскиот економски раст во изминатите три години требаше да достигне 76 отсто, што ја става Хрватска на третото место во ЕУ, зад Ирска и Малта, наведе Пленковиќ.