Триесет илјади заинтересирани до утринава биле пријавени за вакцина против сезонски грип која почнува утре, потврди за МИА, Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
-Ќе се вакцинира во сите центри за јавно здравје низ државата. Тоа се вкупно 40 локации низ државата. Во Скопје, во четири пункта за вакцинација. Центар за јавно здравје и поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар. Дополнително во Центар за јавно здравје има уште еден пункт, само за здравствени работници, изјави Петличковски.
На располагање се 60.000 дози вакцини.
-Вакцинацијата против грип е докажана изминатите години, многу е ефикасна и апсолутно е безбедно и исправно да се изврши вакцинирање, особено кај постарите, малите деца и тие со хронични болести. За разлика од Ковид, каде што вакцинацијата на младите не беше да речеме во прв ред како препорака, за грип, да, за малите деца стои дека се препорачува вакцинација против сезонски грип за педијатриска популација, нагласи Петличковски.
Како што информираше за МИА директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети утре почнува вакцинацијата протов сезонски грип, а најголем интерес има кај хронично болни и постари и изнемоштени лица.
И Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, истакнува дека за вакцина против сезонски грип главно се одлучуваат хронично болни и постари лица, изнемоштени.
-Луѓето главно веќе се едуцирани и сами си се пријавуваат за вакцина на вакцинација.мк, или имаат помлади блиски околу себе, кои ги прават тоа за нив, изјави Чолакова Дервишова за МИА.
На вакцинација се оди доколку човек е здрав, потсетува таа, напоменувајќи дека тоа не се прави со каков било бактериски или вирусен афект.
– Заради тоа што сепак се руши имунитетот. Мора прво да се оздрави, па да се оди на вакцина, рече Чолакова Дервишова.
Министерството за здравство вчера информираше дека неделава почнува вакцинацијата против сезонски грип и оти во државата се пристигнати 60.000 дози четиритипни вакцини наменети за бесплатна вакцинација.
Граѓаните од ризичните групи кои се пријавиле за вакцинација преку веб-страницата вакцинација.мк, во следните денови преку смс порака ќе добијат известување за точниот датум, час и место за вакцинирање.