- Руските свештеници се во служба на војната на Путин.
- Наместо молитви за мир, се бараат молитви за победа.
- РПЦ и Путин се како сврзани садови.
- Очигледен е линкот меѓу РПЦ и МПЦ. Каде е тука македонската политика?
Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Свештеникот Андреј од Руската православна црква долго време имал етички дилеми во врска со војната која неговата земја ја започнала во Украина. Пред сѐ, заради тоа што Кремљ започнал братоубиствена и со ништо неиспровоцирана војна. Потоа, во својата паства имал и повратници од фронтот – некои дезертирале, други се криеле за да не заминат, трети не биле воени обврзници, но едноставно не ја сакале војната. Андреј знаел дека сите тие бргу ќе станат жртви на репресија. Со нив одржувал тајни средби и се обидувал да им помогне да најдат утеха. Не им било лесно на свештениците кога после првиот месец од војната молитвите за мир морале да ги заменат со молитви „за победа“. Најтешко му паѓало тоа што не можел јавно да проговори, да ја осуди војната.
Додека Русија ја почнува својата целосна инвазија на Украина, свештеникот на Руската православна црква (РПЦ), Андреј, се соочувал со дилемата – да ја заштити заедницата што ја изградил во својата црква или да ризикува сѐ со тоа што јавно ќе проговори?
На крајот, отец Андреј, сепак, станал еден од оние кои се осмелуваат јавно да ја осудат војната (Deutsche Welle, 15/10/2023). Потоа, тој морал да побегне со целото семејство во Грузија, каде што, пак, не може да биде свештеник без одобрение од Руската православна црква(!?). Тој анонимно разговарал со ДВ за да не ја изгуби последната „искра надеж“ дека еден ден повторно ќе може да проповеда како свештеник во Русија.
„Не можам да им судам на оние кои прават компромиси со себе за да си ги задржат своите места“, ѝ рекол тој на новинарката Марија Катанадзе, свесен дека многу негови колеги избрале да молчат и да останат во Русија.
„Двете верзии на молитвата ‘за победа’ содржеа лаги и пропаганда. Се вели дека ‘некои странци ја нападнаа Света Русија’. Не можев ни да ги изговорам тие зборови. Русија ја започна војната, а не обратно“, вели Андреј.
Од исповедта на отец Андреј дознаваме дека околу 300 свештеници – помалку од еден процент од целата Руска православна црква – потпишале отворено писмо во кое бараат прекин на „братоубиствената војна“ во Украина. По почетокот на војната, Русија донесе закон со кој се криминализираат антивоените коментари и генерално мислењата што се разликуваат од официјалниот руски став. Така, некои од свештениците кои го потпишаа писмото не само што биле протерани од црквата, туку биле санкционирани од судовите за „дискредитација на руската армија“.
Некои од свештениците успеале да се извлечат со читање на новата молитва „за победа“, но други немале толку среќа.
Јоан Ковал, свештеник од Москва, бил избркан од црквата откако одбил да го замени „мирот“ со „победа“ во молитвата. Црковните власти, чија цел е да ги обединат парохијаните и свештенството за поддршка на војната во Украина, го гледаат ова како чин на пркос.
Јавното покајание е уште еден начин на кој црквата ги репресира свештениците кои се противат на војната. Еве што му се случи на отец Илја Гавришкив, кој јавно се извинил што не се молел за руската победа.
Во видеото кое стана популарно на TikTok, може да се види како епископ го критикува отец Иља пред верниците. „Кога му објаснивме каква грешка направил, веднаш сфати“, вели тој, додека Иља стои зад него. „Од глупост и гордост ја прочитав молитвата за мир наместо како што се бараше од мене“, вели отец Иља додека гледа во земјата.
Факт е дека во Руската православна црква се негира дека таа ги прогонува свештениците од овие причини и тврди дека тие биле ослободени поради политички говор. Иако тврди дека е аполитична, Руската православна црква високо ги цени оние свештеници кои се појавуваат на првите борбени линии, благословувајќи ги руските војници со света вода и икони пред битката(!).
Врските на рускиот патријарх Кирил со рускиот претседател веќе се толку силни и постојани што сигурно може да се рече дека Владимир Путин во него ја има најцврстата, зацементирана поддршка, што е многу важно, бидејќи РПЦ е институција која ужива најголема доверба кај обичниот народ. Од оваа релација не е јасно дали и обајцата имаат некоја корист, ама за Путин ова е секако силна поддршка за неговиот политички опстанок. Барем во настапите во јавноста, патријархот Кирил нема двојба во целите на војната и во тоа како таа се води, не го збунува ниту неговата лојалност, ниту фактот дека само на руска страна досега се убиени 294.799 припадници на руските сили (ЦИВИЛ МЕДИА, 23.10.2023), туку и заради вистината дека во војната гинат невини граѓани, многу деца… Дури, патријархот Кирил тврдел дека смртта во битка „ќе ги измие сите гревови на војникот“. Православната црква, која ги претставува Русите и Украинците како „еден народ“, ги обвинува „странските влијанија“ дека „го поттикнуваат конфликтот меѓу нив“.
Секое антивоено чувство во руската црква мора да се чува во тајност, а свештениците се сè повнимателни. Отец Николај од Санкт Петербург за ДВ изјавил дека се обидува деликатно да ги изрази своите пацифистички ставови. Според неговите зборови, црквата во Русија наликувала на оние времиња кога „христијаните биле прогонувани и користеле тајни симболи за да се идентификуваат едни со други“.
Николај бил убеден од неговиот духовен водач да остане во Русија, тврдејќи дека, кој и да го заземе неговото место, веројатно нема да се моли за мир. Свештеникот создал дури и таен Телеграмски канал преку кој луѓето се собираат и тајно се молат за мир. „Се собираме усно. Зборуваме претпазливо и бараме луѓе кои исто така не ја поддржуваат војната. Потоа се зближуваме“, вели отец Николај, кој додава дека сето тоа личи на партизанско движење. Тајните состаноци на групата за него се „како здив на свеж воздух“.
„Откако ќе се молиме за нашите браќа и сестри во Украина, разговараме меѓу себе и оваа комуникација нѐ спасува. Тоа е можност да го споделиме она што ни е во срцето и да ги нарекуваме работите со нивното вистинско име“, вели свештеникот.
Николај признава дека постоењето на оваа група би можело да стане јавно позната и тоа го става во опасност. „Во тој случај, не е јасно што ќе следи. Веројатно ќе треба да бидам казнет затоа што се залагам за вистината. Но, Господ е со нас. Не се плашам“ – вели тој.
Дојче Веле објави ТВ репортажа за грижата која руски свештеници во Германија ја имаат кон украинските бегалции. Се работи за свештенството во манастирот Св. Ѓорѓи во Гетстендорф. Навистина е потресна видео сторијата (DW) во која се гледа дека гостите и домаќините имаат комуникација и се хранат во кујната на манастирот, што им ги отвора ширум вратите. Впрочем, ако се внимава на христијанските базични правила, она „не убиј“ е дел од суштината на религијата, а да не говориме дека тоа е и составен дел на монотеизмот (Десетте божји заповеди).
За нас, овие стории за Руската православна црква се многу важни, заради силното влијание на таа институција врз Македонската православна црква (МПЦ). И тоа веќе не е плод на поединечна имагинација, туку и забелешка на оние странци кои ја следат нашата евроатланска определеност. Неодамна, и холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, во својот говор на трибина организирана од претседателот Пендаровски јасно ја посочи таа врска меѓу евроскептицизмот на политичарите со оној на црквите.
„Со едноставни зборови, нема политичка волја за промени не само во политиката, туку и кај верските заедници кои ги блокираат промените и ја блокираат Истанбулската конвенција“.
Тука е вредно да се спомене дека постои иницијатива, која потекна од Цариградската патријаршија, за давање на томос за признавање, а која, како што се дознава од кулоарите, е блокирана од претставници на РПЦ, од кои еден неодамна беше и избркан од земјава.
Амбасадорот Коп забележува како „политичарите се бесчујни и сакаат да се сликаат со свештениците и оџите. И која е пораката“ – запраша тој. „Па пораката е, дајте ги вашите пари, меѓутоа ние не ги сакаме вашите вредности!“
Навистина, се работи за еден шизофрен однос на македонската политика која е за одбрана за Украина, ама е во добри односи со оние кои ја воспеваат руската војска кога ги врши оние колежи и масакри. Во тоа, сесрдно им помагаат (со одобрување или премолчување) дел од невладините организации и медиумите.
Преземено: Цивил Медиа