Состојбата на Блискиот Исток е главна светска тема. Во согласност со тоа помина отворањето на 75. Саем на книгата во Франкфурт, најголемата светска манифестација од ваков тип. Словенечкиот филозоф Славој Жижек ја оправда својата репутација на провокатор кога на отворањето на саемот во Конгресниот центар во вторникот теоретски ја објасни и практично ја претстави „културата на откажување“ и предизвиците што таа ги претставува за мирот на Блискиот Исток. Во исто време, според германските медиуми, тој го предизвикал гневот на бројните гости. Државниот секретар Уве Бекер протестираше и го прекина додека градоначалникот на Франкфурт Мајк Јозеф ја напушти салата во знак на протест.
Хрватскиот медиум Lupiga.com ја преслуша целата снимка од настапот на Жижек и го пренесе целиот транскрипт од обраќањето на словенечкиот филозоф. Овој транскрипт на македонски го пренесува „Независен“.
Со громогласен аплауз од публиката, Жижек излегува на сцената и застанува на говорницата:
Почекајте со аплаузот. Нема да ракоплескате на крајот. Горд сум што сум тука на саемот на книгата. Книгите, како што слушнавме повторно денес, се попотребни од кога било досега. Без нив нема решение за страшната војна во Газа. Безрезервно го осудувам нападот на Хамас врз Израелците долж границата со Газа – без никакви „ако“ или „но“. Го признавам правото на Израел да се брани и да ја спречи заканата.
Сепак, забележувам нешто необично. Штом човек спомене како да се анализира комплицираната заднина на ситуацијата, по правило веднаш е обвинет дека го поддржува или оправдува тероризмот на Хамас. Дали сме свесни колку е чудна оваа забрана за анализа, која подобро би ни ја покажала сложеноста на моментот? Ма какво општество му е својствено таквото однесување?
На општество кое е организирано како пчеларник! Кој идиот избра таков пример? Дали знаете како живеат пчелите? Тоа е најтоталитарното општество што можете да го замислите. Повеќе од 80 проценти се од женски пол, кастрирани се, не смеат сексуално да се развиваат, тие само работат! Има и една кралица која еднаш во животот се копулира со десет мажјаци. Штом тие ќе доживеат оргазам, таа веднаш им ги голта пенисите! Не, благодарам, не сакам да живеам во такво општество!
Насловот на неодамнешната полемика за антисемитизмот и БДС (Палестинското движење за економски санкции против Израел – заб. прев.) во „Шпигел“ на германски гласеше: „Wer Antisemit ist, bestimmt der Jude und nicht der potenzielle Antisemit“, преведувам – „Кој е антисемит ќе одлучи Евреин, а не потенцијален антисемит“. Во ред, звучи логично. Самата жртва треба да одлучи дали е навистина жртва. Но, зарем истото не важи и за Палестинците, кои треба да можат да одредат кој им ја одзема земјата и основните права?
Во овој момент сакам да ви го насочам вниманието на еден прекрасен детаљ што го забележав денес на Саемот. Последниот збор од говорот на словенечкиот претседател, поправете ме ако грешам, беше Палестина! Тоа беше и единственото спомнување на Палестина. Се останато се однесуваше на Хамас против Израел. Извинете, но во овој момент, мора да ги вклучите милионите Палестинци.
Да се вратам на темата… Анализирајќи ја заднината, не мислам на глупости маскирани во длабоки мисли. Ги знаете оние банални пароли кои велат, на пример, „непријателот е некој чија приказна не си ја слушнал“. Знаете што? Го прочитав „Mein Kampf“ на Хитлер, ја прочитав неговата приказна и нацистите ги сакам уште помалку отколку порано.
Денеска во Израел се случуваат две важни работи. Исмаил Ханије, лидерот на Хамас, кој, се разбира, удобно живее во хотел со пет ѕвезди во Дубаи, на денот на нападот им го кажа следново на Евреите, цитирам: „Имаме само едно да ви кажеме, тргнете ни се од земјата, тргнете ни се од очите. Оваа земја е наша, Ал Кудс (Света), нивното име за Ерусалим е наше. Сè е наше овде! Тука нема ни место ни безбедност за вас“.
Јасно и одвратно! Но, зарем израелската влада не кажа нешто слично, иако се разбира на многу поцивилизиран начин? Ова е еден од првите принципи на кои почива сегашната влада на Израел. Цитирам од официјален извор: „Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право да живее во сите земји на Израел. Владата ќе го промовира и развива населувањето на сите земји на Израел. Во Галилеја, Негев, Голан, Јудеја и Самарија“.
Или, изјавата на Бенјамин Нетанјаху, ја цитирам: „Израел не е земја на сите негови граѓани, туку земја на еврејскиот народ и само негова“. Го завршувам цитатот. Дали овие принципи не исклучуваат какви било преговори? Палестинците се третираат исклучиво како проблем додека државата Израел не им дава никаква надеж во земјата во која живеат.
Под сите контроверзии за тоа кој е поголем терорист се крие тежок црн облак или, подобро, мочуриште. Масата палестински Арапи кои со децении се држат во неизвесност и се изложени на секојдневно малтретирање од доселениците и израелската држава. Кои се тие и во која земја живеат? Дали е тоа Јудеја и Самарија, Западниот Брег или државата Палестина призната од 139 од 193 членки на Обединетите нации?
Првата генерација израелски лидери од Бен Гурион до Моше Дајан, сакам да ги пофалам овде, зборуваа сосема поинаков, искрен јазик. Тие отворено признаа дека правото на Израел на земјата не може да се заснова на некаква универзална правда.
На пример, на 29 април 1956 година се случи инцидент во Газа. Група Палестинци од Газа преминаа во Израел за да ја ограбат жетвата во кибуцот Нахал Оз. Таму ги пронашол стражар кој ги гонел, но на крајот завршил во рацете на Палестинците. Телото без очи е вратено преку ОН. Вака реагираше Моше Дајан (тогашен началник на Главниот штаб на Израелските одбранбени сили) на погребот: „Не смееме денес да ги обвинуваме убијците. Каков аргумент имаме против нивната смртна омраза кон нас? Тие живеат во бегалски кампови во Газа во последните осум години, додека ние им ја менувавме земјата пред нивни очи, селата во кои живееле нивните предци… Сето ова го променивме во наше наследство“.
Можете ли воопшто да замислите слична, подеднакво искрена изјава денес? Колку сме далеку од комплицираната ситуација што се случи пред неколку децении? Во тоа време зборувавме за „Земја за мир“ (мировниот договор од 1979 година меѓу Израел и Египет), „Решение со две држави“.
Во 1994 година, Израел изгради ѕид за да го одвои Западниот Брег од Израел во границите од 1967 година, сè уште признавајќи го како посебен ентитет. Сето тоа оттогаш исчезна. Денес, израелската влада е препознатлива по Итамар Бен-Гвир (израелски екстремно десничарски политичар и член на Кнесетот). Тој влезе во политиката како младински член на партијата Кач, која израелската влада ја прогласи за терористичка организација и ја забрани.
Кога Бен-Гвир дојде да биде регрутиран во ИДФ (Израелските одбранбени сили), но беше одбиен поради неговите екстремно десничарски ставови. И внимавајте сега! Лицето кое самиот Израел го осуди како расист и терорист сега е министер за национална безбедност кој треба да се погрижи законите да се спроведуваат.
Се сеќавате ли на големиот конфликт што го подели Израел минатиот месец? Коментирајќи ги мерките предложени од владата на Нетанјаху, Јувал Харари (израелски професор по историја и меѓународно признат автор) беше брутален. Цитирам: „Ова е дефинитивно државен удар. Израел е на пат да стане диктатура“. Израел беше поделен меѓу националистичките фундаменталисти, кои се обидуваат да ги укинат главните лостови на легалната државна власт, и членовите на граѓанското општество свесни за следната закана: Со нападот на Хамас, а јас го сметам за вистинска трагедија, кризата заврши! Ќе преовлада националниот дух! Секогаш е трагично кога внатрешен конфликт се надминува на сметка на надворешен непријател.
Значи, можеби првото нешто што можеме да направиме е да го препознаеме огромниот очај и неред од кој може да се роди злото. Накратко, нема да има мир на Блискиот Исток додека не се реши палестинското прашање. Го прочитав ова во израелски весник во последните неколку дена. Во ниту еден момент не го оправдувам, тоа е кривично дело. Точно, Израел има целосно право на контранапад. Но, да не ја заборавиме оваа мрачна заднина.
Многу мои пријатели велат: „Да, Палестинците имаат право да бидат по малку антисемитисти затоа што, гледате што им прават Израелците’. Или, од друга страна: ‘Израелците имаат право да бидат малку насилни затоа што, погледнете што им направивме во холокаустот…“.
Мислам дека нема што да се разбере овде. Мора да се оди до крај во двете насоки. Застанете во одбрана на палестинските права, како и во борбата против антисемитизмот.
Говорот го прекинува некој од публиката: „Не можете да го споредите овој терор на Хамас со она што Израел го прави на израелска територија, се извинувам“.
Според германскиот весник „Цајт“, лицето кое го прекинало Жижек е Уве Бекер, германскиот државен секретар за европски прашања и комесар за антисемитизам. Според „Цајт“, освен што го прекинал словенечкиот филозоф, Бекер неколку пати ја напуштал салата во знак на протест.
„Јас не го правам тоа. Не споредувам“, одговара Славој Жижек од сцената.
„Релативизираш!“, предупредува некој од толпата, додека упадите од публиката се множат.
По кратка пауза, Жижек им се обраќа на присутните: „Сега во пракса гледате што значат паролите ‘Различност, инклузивност…’, на што публиката одговара со долг аплауз. Жижек не дозволува да се смири и продолжува да се надгласува со аплаузите.
Ова е логиката на cancel културата (фраза што се користи за да се опише култура на однесување кон неприфатливи ставови кои настојува да ги избрише од јавниот простор, заб. прев.). За да ја имаме нашата различност, некои секако треба прво да бидат исклучени. Зборувам за многуте Палестинци што ги познавам, простете ако сега малку експлодирам. Ако има човек во оваа просторија кој направил повеќе за мирна соработка меѓу Палестинците и Израелците, јас им симнувам капа. Но, ги нема! Што повеќе можете да направите? Со моите пријатели организирав голем собир во Рамала во чест на Евреинот Валтер Бенјамин (германски филозоф, културен критичар и есеист од првата половина на 20 век). Немаше никакви проблеми! Организирав и филмско училиште во Рамала заедно со еврејски професори…
Па да се вратам на споредбата… Секако дека не можам да споредувам насилство. Мислам, нападот на Хамас е апсолутно безмилосен и брутален. Но, дали ќе паднам толку ниско за да цитирам некого, со кого се согласувам во овој случај – Ентони Блинкен, американскиот државен секретар, кој рече: „Да, Израел има целосно право да возврати, но како ќе го направат тоа е работа на сите нас“ . Значи, тоа не е само проблем меѓу Израел и Хамас.
Значи, во моментот кога ќе прифатиш дека е невозможно да се бориш за двете страни истовремено, си ја изгубил душата! Особено денес кога живееме во времиња кои морам да ги наречам антисемитски ционизам. Знаете ли зошто европската десница го поддржува Израел? Рајнхард Хајдрих (шеф на Гестапо, шеф на безбедноста на Рајхот, протектор на Бохемија и Моравија), да, тој Хајдрих напиша изјава во која вели: „Израелците се прекрасна нација, ние сме подготвени да соработуваме со нив, но не овде во Германија. Тие треба да одат таму…“. Се сеќавате ли на Брејвик (Андерс Брејвик, норвешкиот екстремно десничар и терорист кој уби 69 млади членови на норвешката Лабуристичка партија во 2011 година)? Се сеќавате на лудиот Норвежанец? Тој ја имаше истата антисемитска точка на гледиште – „ние ги поддржуваме (Евреите), но ако се таму…“
Славој Жижек повторно го прекинува некој од публиката „Срамота е на денот на убиствата и масакрите…“
„Каде? Во Газа исто така!“, одговара Жижек.
„Го релативизирате тоа што се случува!“, вели повторно државниот комесар Бекер, овој пат придружен со благ аплауз од публиката.
Не релативизирам. Само сакам да кажам дека вашиот начин на размислување става милиони Палестинци во невозможна положба што само ќе резултира со раст на антисемитизмот! Дозволете ми да се вратам на крајот од моето обраќање. Артур Кестлер (унгарски Евреин, писател и новинар, разочаран комунист и англиски шпион од средината на 20 век) рече горка вистина. Цитирам: „Дали моќта е корумпирана? Обратното е исто така точно. Прогонот ја корумпира жртвата, иако можеби на посуптилен и потрагичен начин“. Крај на цитатот.
Ова важи и за двете страни во сегашната војна. Мојот најголем, апсолутен херој на 20. век е Марек Еделман, полски Евреин кој сето тоа јасно го виде. Еделман учествуваше во востанието во Варшавското гето во 1943 година, како и во поширокото востание на цела Варшава во 1944 година. По војната, во 1968 година, неговата сопруга и децата емигрираа поради растечкиот антисемитизам во Полска, додека тој одлучи да остане. Тој ја образложи одлуката со следниве зборови:
„Некој треба да остане со сите оние што исчезнаа овде“.
Од 1970-тите, тој соработуваше со Комитетот за одбрана на работниците (полско општествено-политичко движење за помош на работниците кои завршија во затвор по штрајкот во јуни 1976 година), а подоцна, како член на Солидарност, тој учествуваше во Договорот на тркалезната маса (договорот меѓу Солидарност и владата, кој доведе до демократски промени од април 1989 година). Кон крајот на својот живот, Еделман јавно го бранеше палестинското право на отпор, сметајќи дека дека еврејската самоодбрана доаѓа во опасност да ја премине границата и стане угнетување. Би било непристојно да се дисквалификува Еделман како Евреин кој се мрази себеси.
Зошто го кажувам ова овде во Франкфурт на саемот на книгата?
Затоа што, и овде се согласувам со претходните говорници, можеме да бидеме свесни за ситуацијата само со читање книги. Литературата е привилегиран медиум што ја прави опиплива длабоката нејасност и сложеност на нашиот проблем. Не ја мистифицирам поезијата. Од другата страна е мојата теза, и пак ќе ве шокирам – без поезија нема етничко чистење!
Сетете се на Руанда, имаше голем локален поет. Сетете се на војните во поранешна Југославија – Радован Караџиќ! Сосема почитуван поет, ако не се брои војната! Да не зборуваме за луѓе како Мао Цетунг и така натаму.
Затоа бев шокиран кога слушнав дека е одложена церемонијата на доделување на награда на Аданија Шибли (палестинска писателка, актуелен добитник на LiBeraturpreis, награда доделена на Саемот на книгата во Франкфурт на писатели од Африка, Азија, Латинска Америка и арапскиот свет), одлука што ја сметам за скандалозна.
Да, тероризмот против Израел е во спротивност со сите вредности поддржани од Саемот на книгата во Франкфурт. Ова подеднакво важи и за колективната казна што ја претрпеа милиони во Газа, како и за откажувањето на церемонијата на доделување на наградата Аданија Шибли. Гледате, тука се приближуваме до парадоксите на културата на откажување.
Официјалната порака е: „Да, инклузивност и различност“. Но, тогаш она што го прави cancel културата е да ги исклучи оние кои не одговараат на нејзиниот опис на инклузивност и различност. Така што не сум само горд што сум овде. И се срамам малку. Обидете се да замислите што би сакал да каже Марек Еделман кога би бил жив сега со нас?
И да повторам, при крајот сум, никако не се идентификувам или релативизирам она што го направи Хамас. Тоа беше непростливо брутално убивање. Ханије, лидерот на Хамас, јасно стави до знаење дека не се работи само за ограничување на Израел, туку и за уништување на државата.
Втората теза која ја застапувам никако не го релативизира ова злосторство. Тоа само ја обезбедува заднината од која потоа растат овие злосторства. Ако го игнорираме тоа, ако го игнорираме она што се случува сега на Западниот Брег, не можеме да ја разбереме ситуацијата.
Апсолутно, целосно, го признавам правото на државата Израел да постои. Јас сум исто така апсолутно критичен кон Палестинската самоуправа. Мислам дека Арафат со право е окарактеризиран како човек кој никогаш не пропушта прилика да пропушти шанса. Беше многу глупаво што го отфрли пактот со владата на Ехуд Барак (неуспешниот самит меѓу Израел и Палестина одржан под претседателство на Бил Клинтон во Кемп Дејвид во 2001 година). Така што не ги фалам Палестинците. Само сакам да кажам погледнете ја нивната ситуација. Тие се заглавени таму во трагичен неизвесност.
Обраќањето е прекинато со неразбирливи закачки од публиката. Жижек одговара – „Убаво би било истото да им го кажеа и на говорниците што ми претходеа“. По тие зборови го прекинува громогласниот аплауз на публиката, а потоа заклучува и ја напушта сцената: „Гледате, штом реков ‘не е лесно’, го споредив неспоредливото“.
Извор: ЦИВИЛ Медиа