Хакери добиле пристап до адресите на електронската пошта на околу 632.000 федерални службеници во американските министерства за одбрана и правда, јави синоќа агенцијата Блумберг повикувајќи се на Управата за кадри на САД.
Според достапните информации, кибер нападот се случил на 28 и 29 мај. Како што се утврдува, во злосторот е осомничена хакерската група Clop наводно поврзана со Русија. Според извештајот, со упадот злосторниците можеле да добијат пристап до податоците со употреба на програмата за трансфер на фајлови MOVEit.
Федерални службеници за кибер криминал претходно потврдија дека владини агенции биле компромитирани од нападот, но не споделија доволно за големината на нападот, ниту пак ги именуваа агенциите кои биле нападнати.
Блумберг доби пристап до овие информации по барање согласно Законот за слобода на информациите.
Агенцијата дознава дека оваа хакерска група досега нападнала околу 2.500 приватни компании и државни организации во САД.