Трите водечки конзервативни и демохристијански партии во Чешка најавија заеднички настап на европските избори во јуни следната година, со што би можеле да постават основа за идна коалиција меѓу партиите од десниот центар и десницата во Европарламентот.
Заедничкиот настап на изборите го најави чешкиот премиер Петр Фиала, кој соопшти дека неговата конзервативна Граѓанска демократска партија (ОДС) ќе предложи заедничка листа со владините коалициски партнери – Христијанската и демократска унија – Чехословачка народна партија (КДУ-ЧСЛ) и Традиција, одговорност, просперитет 09 (ТОП 09).
– Следните европски избори ќе бидат битка помеѓу оние кои ја гледаат Европа како можност за соработка и оние кои само ја користат како евтина мета за нивните политички напади или како лесен извор на пари, изјави Фиала при најавата на коалицијата.
Ваквата трипартиска коалиција на последните парламентарни избори во Чешка во октомври 2021 успеа да извојува тесна победа од нешто над 0,6 проценти поени пред популистичката партија Акција на незадоволните граѓани (АНО) на поранешниот премиер Андреј Бабиш.
По искуството што го имавме со популистите, знаеме дека нема да ни биде лесно – тоа ќе биде период на лаги и невистини и поделби во општеството. Сакаме да се соочиме со ова. Ја знаеме опасноста и решивме да ги надминеме разликите во мислењата, истакна Фиала.
Европските избори се важни за коалицијата на Фиала, бидејќи тие ќе бидат показател за расположението на јавноста пред парламентарните избори, чиј редовен термин е во текот на есента 2025 година. Но, таа коалиција може да претставува и основа за идна соработка во рамките на Европарламентот.
Имено, демохристијанската КДУ-ЧСЛ и либерално-конзервативната ТОП 09 се членки на моментно најбројната политичка групација во ЕП – десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП), додека ОДС на Фиала е дел од групата на десницата – Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Според извори во ЕПП, ваквата соработка десноцентристичките и десничарските партии може да биде модел за спречување на популистите да ја преземат власта.
Поделениот проевропски камп во Словачка, не успеа да спречи еден друг популист, преправен во социјалист, Роберт Фицо, да се врати на власт, изјави изворот од ЕПП за „Еурактив“.
Лидерот на КДУ-ЧСЛ, Маријан Јуречка, пак, посочи дека ваквата соработка може да се преслика и во други земји на ЕУ.
– Нашите партнери во Италија, кои се членки на ЕПП и партијата на премиерката на Италија, која е членка на ЕЦР, размислуваат за сличен модел за учество на европските избори, изјави Јуречка, алудирајќи на потенцијална изборна коалиција на партијата Форца Италија (ФИ) од ЕПП и Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџија Мелони.
Носителот на изборната листа на ОДС-КДУ-ЧСЛ-ТОП 09 за европските избори Александар Вондра изјави дека и по изборите не очекува преминување од еден во друг табор, односно очекува неговата ОДС да остане во ЕЦР, а нејзините коалициски партнери во ЕПП.
Сепак, ние сме заинтересирани да придонесеме составот на Европскиот парламент и на Европската комисија да бидат поинакви од она што се сега, за да не доминира зелено-левото мнозинство, туку да се формира коалиција од центарот кон десно, изјави Вондра.
Сличен став изнесе и Фиала, кој изјави дека очекува потесна соработка меѓу ЕПП и ЕЦР.
– Ние сме во групата ЕЦР. Ние сме коосновачи на оваа група и имаме блиски врски со неа. Една од карактеристиките на оваа конзервативна групација е тоа што сакаме да биде заедно, а наш непријател се сите популисти, вклучително и националистичките популисти. Затоа е многу поприродно за нас да соработуваме со ЕПП, додаде Фиала.
Пред формирањето на ЕЦР во 2009 година, ОДС беше членка на партијата Европски демократи, која функционираше во заедничка пратеничка група со ЕПП.
Од ЕПП и претходно стигаа пораки дека би сакале да ги видат Фиала и неговата ОДС во нивната пратеничка група. И самиот Јуречка потврди дека на состаноците на Европската народна партија веќе подолго време и од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и од првиот човек на ЕПП, Манфред Вебер, Фиала е споменуван како некој кој „се сфаќа многу сериозно“ и како „партнер за дискусија и заеднички позитивни договори“.
Сепак, изворот на „Еурактив“ од ЕПП, посочува дека изборната соработка на национално ниво е „чисто внатрешна одлука“ и не важи на ниво на ЕУ.
– Ситуацијата на национално ниво не значи дека треба да се преслика и на ниво на ЕУ. Ако има соработка со про-ЕУ, но не и со десноцентристичките партии, тоа не значи дека ЕПП ќе го стори истото и на ниво на ЕУ по изборите, изјави истиот извор.
Според него, за една партија да соработува со ЕПП треба да исполнува три услови – да биде проевропски ориентирана, да го почитува владеењето на правото и да стои зад поддршката на Украина.
ОДС според своите заложби ги исполнува овие три услови за соработка со ЕПП, но тоа не може да се каже и за сите останати членки на ЕЦР. Меѓу членките на ЕЦР, покрај ОДС и споменатата ФДИ на Мелони, се и новоформираната десничарска Алијанса Германија (БД), шпанската Вокс, националистичките Грчко решение (ЕЛ) и ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), како и полската национал-конзервативна и десно популистичка Право и правда (ПиС), која е и најбројна партија со вкупно 24 од актуелните 66 европратеници од оваа политичка групација. Владата предводена од ПиС, која го загуби парламентарното мнозинство на изборите во Полска на 15 октомври, во повеќе наврати беше обвинувана за евроскептицизам и за непочитување на принципите на владеењето на правото, независноста на судството и медиумите и на човековите права.